Една навика зад волан може да ја намали потрошувачката на гориво

Стручњаците советуваат порано префрлање во повисока брзина, умерено забрзување и навремено пуштање гас за помала потрошувачка.

Возачите можат значително да влијаат врз потрошувачката на гориво, особено ако возат автомобил со мануелен менувач. Германскиот TÜV објави неколку едноставни совети што можат да помогнат автомобилот да троши помалку, а моторот да работи порамномерно и со помало оптоварување.

Една од најважните препораки е при забрзување што порано да се префрла во повисок степен на пренос, додека при забавување не треба прерано да се враќа во понизок степен. Идеално е моторот да работи меѓу 1.500 и 2.500 вртежи во минута, бидејќи во тој опсег потрошувачката е пониска, а моторот работи потивко.

При тргнување, педалата за гас не треба да се притиска до крај, туку приближно до две третини. Откако ќе се постигне посакуваната брзина, најдобро е таа да се одржува што е можно поконстантно, без нагли забрзувања и кочења.

За дополнителна заштеда, TÜV препорачува навремено пуштање на гасот и умерено кочење, особено при приближување до семафор, крстосница или колона возила. На подолги делници на автопат може да помогне и темпоматот, но во густ сообраќај тој не е особено корисен ако автомобилот нема адаптивна функција.

Потрошувачката ја зголемува и непотребната тежина во автомобилот. Само 50 килограми дополнителен товар може да ја зголемат потрошувачката за околу 0,3 литри на 100 километри. Затоа, освен начинот на возење, важно е возачите да не носат непотребен товар и да го одржуваат автомобилот во добра состојба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс