Зависност, самоповредување, нарушено ментално здравје и милијарди долари профит – социјалните мрежи сè почесто се наоѓаат во центарот на жестоки правни и политички спорови. Платформи како Facebook, Instagram, YouTube и TikTok се обвинети дека со својот дизајн и алгоритми намерно ја задржуваат вниманието на корисниците, а особено се проблематични последиците кај децата и тинејџерите.
Бизнис-моделот е едноставен: колку подолго корисникот останува на платформата, толку повеќе реклами може да види. Meta, компанијата зад Facebook и Instagram, во 2025 година остварила рекордни 196,2 милијарди долари приходи од рекламирање, што покажува колку е вредна способноста на платформите да го задржат вниманието на корисниците.
Но токму тој модел сè почесто се соочува со тужби и регулаторен притисок. Сè поголем број земји воведуваат или разгледуваат ограничувања за користењето на социјалните мрежи од страна на лица помлади од 16 години, додека во САД се зголемува бројот на судски постапки против технолошките компании.
Во најновиот голем спор, 29 американски сојузни држави, меѓу кои Калифорнија, Колорадо и Њу Џерси, поднесоа тужба против Meta, обвинувајќи ја компанијата дека намерно ги дизајнирала своите платформи така што младите корисници да станат зависни од нив.
Во рамките на постигнатата спогодба, Meta се согласи да плати до 18 милијарди долари на 47 сојузни држави, округот Колумбија и американски територии. Со Тексас компанијата постигнала одделна спогодба вредна една милијарда долари. Meta, исто така, се обврзала да воведе ограничувања на времето поминато на платформите и ноќни блокади за малолетните корисници.
Регулативата, сепак, тешко го следи темпото на технологијата. Иако владите ширум светот во последните години ги заострија правилата, законодавците често реагираат дури откако новите функции и начини на користење на платформите веќе станале широко распространети.
Истражувањата покажуваат поврзаност меѓу користењето на социјалните мрежи кај тинејџерите и поголемата појава на анксиозност, депресија и незадоволство од сопственото тело. Во јавноста во 2021 година излегоа и интерни документи на Meta кои покажаа дека истражувачите на компанијата биле свесни за проблемите поврзани со Instagram и негативното влијание врз сликата за сопственото тело и менталното здравје кај дел од тинејџерките.
Дополнителна загриженост предизвикуваат алгоритмите. Тие не само што го избираат содржинскиот материјал што ќе го гледа корисникот, туку учат од неговото однесување и се обидуваат што подолго да го задржат неговото внимание. Тестирања спроведени од организации за заштита на човековите права покажале дека корисници кои пребаруваат содржини поврзани со менталното здравје на одредени платформи можат да добиваат препораки за содржини поврзани со депресија и самоповредување.
„Компаниите со ваква големина и влијание врз животите на луѓето мора да ги исполнуваат основните безбедносни стандарди“, смета Камил Карлтон од Центарот за хумана технологија. Според неа, тоа не би требало да биде радикално барање, туку ист принцип како оној што се применува кај автомобили, лекови или детски играчки.
Во САД, по години политички блокади, расте поддршката и меѓу демократите и републиканците за построги правила за заштита на децата на интернет. Предлог-законот KOSA, односно Законот за безбедност на децата на интернет, предвидува најстроги безбедносни поставки за малолетниците и поголеми можности за родителски надзор.
Прашањето е дали построгите правила навистина можат да го променат начинот на кој функционираат платформите. Една од можните алтернативи се модели засновани на претплата, наместо на реклами. Во студија од 2024 година, германската професорка по психологија Корнелија Циндерман истражувала дали корисниците би прифатиле социјални мрежи што функционираат како јавен сервис и применуваат значително построги безбедносни стандарди.
Резултатите покажале дека повеќе од половина од возрасните и околу две третини од младите би биле подготвени да плаќаат за ваква услуга. Сепак, останува прашањето дали ваквите модели можат реално да ги заменат најголемите платформи, кои веќе имаат милијарди корисници.
Во меѓувреме, технолошките гиганти инвестираат стотици милијарди долари во развој на вештачка интелигенција. Тоа отвора уште еден проблем за регулаторите, бидејќи компаниите што веќе имаат огромно влијание преку социјалните мрежи сега развиваат технологии со уште поголем потенцијал да влијаат врз човековото однесување.
Податоците собрани преку социјалните мрежи претставуваат вреден ресурс за развој на вештачката интелигенција, бидејќи овозможуваат увид во реалното однесување, интересите и реакциите на корисниците. Токму затоа, битката за регулирање на социјалните мрежи веќе не е само прашање на времето поминато пред екран. Таа станува прашање на тоа кој ги поставува правилата за технологиите што сè повеќе влијаат врз начинот на кој луѓето размислуваат, комуницираат и носат одлуки.
Додека законодавците се обидуваат да ги стигнат платформите, технолошкиот развој продолжува со многу поголема брзина. А прашањето што станува сè поважно е дали регулаторите ќе успеат да постават правила пред новите технологии повторно да ги надминат.