Снег на планините, дожд во градовите: кога ќе пристигне зимата на Балканот?

Циклонот што пристигнува на почетокот на ноември носи обилни дождови и пад на температурите, а на високите планини во регионот веќе се формира првата снежна покривка. Во градовите засега се очекува само дожд, а метеоролозите предупредуваат дека долгорочните прогнози за првиот снег во низините треба да се земаат со резерва.

Снегот на Балканот засега пристигнува само таму каде што и се очекува,– на високите планини. Додека октомври заврши со тмурно и студено време, почетокот на ноември носи циклон со обилни врнежи и пад на температурите низ целиот регион. Сепак, вистинските зимски услови во градовите сè уште не се на повидок.

Најдалеку отиде зимата во Србија. Според Републичкиот хидрометеоролошки завод, во планинските предели на југозападот и југот на земјата дождот преминува во лапавица и снег. Во текот на ноќта кон недела, во планините на југозападна Србија се очекува снегот да се задржи и да се формира снежна покривка. За првиот ден од ноември прогнозата најавува облачно и студено време, со дожд во низините и снег над 1.500 метри надморска височина. Дневните температури ќе се движат од 5 до 10 степени. Заводот издаде и предупредување за повеќе од 30 литри врнежи на квадратен метар во текот на 24 часа, со веројатност од 80 проценти.

Во Македонија зимата засега ќе значи дожд и тоа многу. Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека под влијание на циклонска активност, до вторник времето ќе биде облачно и постудено, со пообилни врнежи во недела, во понеделник кон крајот на денот и во текот на ноќта кон вторник. На повеќе места се очекуваат над 25 литри дожд на квадратен метар во текот на 24 часа, а локално, во текот на целиот период, и над 60 литри. Во Скопската Котлина до вторник би можеле да наврнат над 40 литри на квадратен метар. Во Скопје викендов температурите ќе се движат од околу 9 до 14 степени.

Кога ќе се забелат градовите е прашањето што сите го поставуваат, но одговорот засега е неизвесен. Српскиот метеоролог Марко Чубрило укажува на можноста снежната граница во првата декада од ноември постепено да се спушти до околу 800 метри надморска височина. Тоа значи дека снегот би можел да им се приближи на повисоките населени места, но не и на градовите во котлините. Неговиот колега Недељко Тодоровиќ потсетува дека долгорочните прогнози се помалку сигурни, особено кога станува збор за конкретни датуми. Затоа најавите за снег „за десет дена“ треба да се сфатат како можност, а не како ветување.

За да заврне снег во градовите, не е доволно само да биде студено. Студениот воздух и врнежите треба да се совпаднат, што се случува поретко отколку што изгледа. Ладните зимски утра најчесто се ведри и суви. Тоа е и причината поради која планините први побелуваат: температурата во просек се намалува за околу шест степени на секои илјада метри надморска височина. Кога во Скопје има 8 степени и врне дожд, на Шар Планина и Кожуф истиот облак може да носи снег.

По минувањето на циклонот се очекува смирување на времето. Според РХМЗ, стабилизацијата ќе настапи во втората половина на следната недела, кога ќе преовладува суво време со повремено разведрување. Тоа ќе донесе и постудени утра, а можна е и појава на првите слани во котлините.

За возачите важен е и календарот, а не само временската прогноза. Во Србија вулканизерските сервиси веќе се преоптоварени, а во Македонија зимската опрема е задолжителна од 15 ноември. Затоа метеоролозите и сервисерите советуваат подготовките за зимските услови да не се оставаат за по првиот снег.


Use up and down arrow keys to resize the meta box pane.

е-Трн да боцка во твојот инбокс