Протестите на генерацијата „З“ вчера ги исполнија улиците на Франција, Германија и Холандија. На денот кога во Европа се одбележува Ноќта на вештерките, младите излегоа на улиците против скапотијата, лошите услови во училиштата и социјалните неправди. Властите во трите држави беа во највисока безбедносна готовност. Во текот на денот поворките главно поминаа мирно, но вечерта во повеќе градови избувнаа судири.
Најмасовни беа протестите во Франција, каде што младите излегоа на улиците трета сабота по ред, незадоволни од трошоците за живот и состојбата во образованието. Според Министерството за внатрешни работи, низ земјата марширале 320.000 луѓе, наспроти 410.000 на 24 октомври и 550.000 на 17 октомври, што укажува дека бранот протести постепено слабее.
Државата распореди 70.000 полицајци, а министерот Лоран Нуњез го оцени денот како исклучително ризичен. Во Париз, поворката тргна од Порт де Бањоле, каде што илјадници луѓе се собраа зад редица студенти кои го предводеа маршот држејќи се за раце. Во толпата се забележуваа и маски за Ноќта на вештерките, меѓу кои зомби-верзија на Мајкл Џексон и Спајдермен.
Зошто младите се лути, најдобро го илустрира искуството на 21-годишниот студент Корантен Кабрё. Тој за АП раскажал дека во државниот студентски дом во кој живее ѕидовите се влажни и се лупат, а насекаде има бубашваби и стаорци.
Самите поворки поминале мирно, но кон крајот на денот дошло до судири меѓу 200 и 300 изгредници и полицијата. До 18 часот низ Франција биле приведени 296 лица, а инциденти имало во Париз, Марсеј и Лион. Властите биле особено внимателни бидејќи само две недели претходно немирите и грабежите ги затекнале безбедносните сили неподготвени.
Во Германија, младите на улиците ги изведе иницијативата „Gen Z regelt“, што во слободен превод значи „Генерацијата З си го решава“. Тие протестираа против недоволното финансирање на училиштата, кратењата во образованието, социјалните услуги, културата и здравството, растечките трошоци за живот и можното враќање на задолжителниот воен рок.
Организаторите побараа учесниците да ги држат лицата видливи, дури и ако носат костими. Во Берлин полицијата првично изброила 2.700 учесници, во Минхен 1.800, а во Франкфурт околу илјада. Во овие градови протестите поминале мирно.
Најсериозни инциденти имало во Хамбург, каде што, според полициските податоци, марширале околу 6.700 луѓе. На крајот од протестната траса, демонстранти зеле огради од блиско градилиште, поставиле барикади и ги запалиле. Полицијата употребила бибер-спреј, а пожарот го изгаснала со воден топ.
Во Келн полицијата и организаторите заеднички одлучиле да ја прекинат демонстрацијата поради учесници со маскирани лица и палење пиротехника. Притоа биле опколени околу 250 демонстранти.
Холандија имаше поинаква приказна, бидејќи протестот воопшто не бил пријавен. Не е познато кој стои зад повиците за собирање, а младите биле мобилизирани преку ТикТок, Телеграм и Снепчет. Во затворени групи се зборувало и за грабежи и судири со полицијата.
Поради најавите за можни инциденти, во центарот на Хаг продавниците биле заштитени со дрвени плочи, а продавницата на „Епл“ ја отстранила стоката од излозите. Полицијата вршела претреси и приведувала лица со покриени лица, а запленила и нелегални пиротехнички средства со голема разорна моќ. Вонредната наредба во центарот била проширена и на Малиевелд и околината на Централната железничка станица. Биле приведени повеќе од десет лица. Во Мастрихт денот поминал без инциденти
Незадоволството не е ограничено само на Франција, Германија или Холандија. Земјите од Европската Унија погодени од протестите – Грција, Италија, Франција, Белгија, Шпанија и Португалија – се соочуваат со тешка економска состојба и високи јавни долгови, што го ограничува просторот за зголемување на јавните трошоци.
Протестниот бран може да продолжи и во наредните денови, особено откако големите синдикати во Франција и Шпанија најавија генерални штрајкови за 5 и 11 ноември.
Интересно е и тоа што 31 октомври веќе еднаш влегол во историјата како ден на младински бунт. На истиот датум во 1965 година, младите во Лајпциг протестирале против забраната на бит-музиката во Источна Германија. Настанот останал запаметен како најголемата непријавена демонстрација во Германската Демократска Република по 1953 година, сè до Мирната револуција во 1989 година.
