Напад во Франција: Автомобил удри во пешаци, 1 загинат и 10 повредени

Возачот е уапсен, а мотивот за нападот засега не е познат. Полицијата го истражува случајот и ги прегледува снимките од безбедносните камери.

Едно лице загина, а 10 се повредени откако автомобил во средата вечерта удрил во група пешаци во градот Каен, на северот на Франција. Според локалните власти, возилото намерно било насочено кон луѓето кои се наоѓале на улицата пред железничката станица. Според префектот на департманот Калвадос, Давид Клавиер, седум од повредените се во критична состојба, додека уште три лица се сериозно повредени, но не се во критична состојба.

Инцидентот се случил околу 22:15 часот во близина на железничката станица во Каен. Според полициски извори, непосредно пред нападот имало тепачка, но околностите и причината за нападот сè уште се истражуваат.

Возачот побегнал од местото

Возачот по ударот го напуштил местото на настанот, но бил лоциран и уапсен во Оуистрехам, околу 20 километри од Каен. Станува збор за 26-годишен маж роден во Русија.

Француските власти соопштија дека тој не им бил познат на разузнавачките служби. Полицијата, сепак, го имала евидентирано поради сообраќајни прекршоци.

Сите жртви, според досегашните информации, се мажи на возраст од 17 до околу 40 години.

Засега нема индикации за терористички мотив

Француското обвинителство отворило истрага за убиство и намерно насилство со оружје. Надлежните во овој момент не го третираат случајот како терористички напад, но нагласуваат дека истрагата е во рана фаза. Полицијата ги прегледува снимките од безбедносните камери и ги утврдува сите околности што му претходеле на нападот. Мотивот на осомничениот засега не е утврден.

е-Трн да боцка во твојот инбокс