Повеќе од 500 спасувачи и припадници на службите за итни интервенции се ангажирани по масовниот руски напад врз Украина, во кој беа погодени Киев, Днипро, Харков и повеќе украински региони.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека нападот бил изведен со 656 беспилотни летала и 73 ракети од различни типови, меѓу кои балистички, крстосувачки и противбродски ракети. Украинските сили тврдат дека пресретнале 602 дронови и 40 ракети, но повеќе цели сепак биле погодени.
Киев и Днипро меѓу најтешко погодените
Најсилниот удар бил насочен кон Киев, каде што се оштетени десетици станбени згради и други цивилни објекти. Според досегашните информации што ги објави Зеленски, во главниот град загинале четири лица, а 38 се хоспитализирани.
Тешка е состојбата и во Днипро, каде спасувачите продолжуваат да пребаруваат низ урнатините на четирикатна станбена зграда. Дел од објектот е речиси целосно урнат, а според украинските власти, таму загинале девет лица, меѓу кои и дете, додека 35 се повредени.
Судбината на уште шест лица засега е непозната. Спасувачките операции продолжуваат сè додека постои надеж дека под урнатините има преживеани.
Погодени енергетски и критични објекти
Руските сили погодиле и енергетски објекти во Харковската област, како и критична инфраструктура во градот Харков. Напади биле регистрирани и во Киевската, Николаевската, Запорошката, Полтавската, Сумската, Черниговската и Хмелницката област.
Зеленски го оцени нападот како удар од огромни размери и предупреди дека Русија испраќа јасна порака: ако Украина не биде подобро заштитена од балистички и други ракетни напади, ваквите удари ќе продолжат.
Украина повторно бара посилен воздушен штит
По нападот, украинскиот претседател повторно побара дополнителна меѓународна поддршка. Тој нагласи дека на Европа ѝ е потребен посилен антибалистички штит, а испораката на ракети за системите „Патриот“ од САД останува клучна за украинската одбрана.
Украинските власти очекуваат, како што порача Зеленски, „ефикасен одговор“ од партнерите по еден од најтешките ноќни напади врз земјата во последниот период.