Бројот на невработени во Германија во август надмина 3 милиони, додека побарувачката за нови работници останува слаба.

Над 3 милиони невработени во Германија: пазарот на трудот сè повеќе забавува

Бројот на невработени во Германија и во август остана над границата од три милиони, додека пазарот на трудот покажува сè послаба динамика, покажуваат најновите податоци на Сојузната агенција за труд. Во август бројот на невработени се зголемил за 54.000 во однос на јули, достигнувајќи 3,061 милион лица. Во споредба со истиот месец минатата година, тоа е зголемување за 36.000 лица.

Стапката на невработеност истовремено пораснала од 6,4 на 6,5 отсто.

Претседателката на Сојузната агенција за труд, Андреа Налес, оцени дека, надвор од вообичаените сезонски движења, германскиот пазар на труд и понатаму покажува многу малку динамика. Според неа, слабоста што се забележуваше во претходните месеци продолжува и во август, а побарувачката за нови работници останува ограничена.

Во текот на месецот преку Сојузната агенција биле пријавени 656.000 слободни работни места. Тоа е само 3.000 повеќе од јули и 25.000 повеќе во споредба со август минатата година. Истовремено, бројот на лица кои примале надомест за невработеност достигнал околу 1,133 милиони, што е 109.000 повеќе отколку една година претходно.

Економските експерти зголемувањето на невработеноста го поврзуваат со слабата економска активност и структурните промени во германската економија. Најновите бројки покажуваат дека најголемата европска економија и натаму се соочува со проблеми на пазарот на трудот, при што отворањето нови работни места не успева да го следи бројот на луѓе кои остануваат без работа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс