По повод 1 јуни, Денот на згрижувачките семејства, во организација на ЈУ Детски дом „11 Октомври“, Скопје и Црвен крст на Град Скопје ќе се одржи настан посветен на промоција и поддршка на згрижувањето како една од најхуманите форми на грижа за децата.
Настанот ќе се одржи во Зоолошка градина Скопје, со присуство на сопругата на премиерот Рози Мицкоска, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, како и градоначалникот на Скопје Орце Ѓоргиевски, заедно со претставници на институции, донатори и згрижувачки семејства.
Целта на настанот е да се оддаде признание на згрижувачките семејства за нивната хуманост, посветеност и грижа, како и да се подигне јавната свест за значењето на згрижувањето и потребата од поголем број вакви семејства. Во рамки на програмата ќе бидат испратени пораки за важноста секое дете да расте во безбедна, стабилна и поддржувачка семејна средина, исполнета со љубов, внимание и сигурност.
Организаторите упатуваат апел до граѓаните да се информираат за можностите за згрижување и да се вклучат во оваа хумана мисија која има директно влијание врз животот на децата без родителска грижа.