Додека досега патниците речиси автоматски ги поврзуваа авионските патувања со шишенца од максимум 100 милилитри, на дел од европските аеродроми ограничувањето веќе е зголемено на до 2 литри по сад. Новите скенери создаваат детална 3D слика на содржината на багажот и овозможуваат подобро откривање на потенцијално опасни течности.
Меѓу аеродромите каде што се применуваат порелаксирани правила се Хитроу, Гетвик, Единбург и Бирмингем, а промените постепено се прошируваат и на други европски аеродроми.
Но, има една важна работа: правилото не е исто на сите аеродроми. Тоа што од еден аеродром можете да полетате со шише од еден или два литри не значи дека истото шише ќе ви биде дозволено при повратното патување. Патниците треба да ги проверат правилата и на аеродромот од кој се враќаат.
А што важи во Скопје?
На Меѓународниот аеродром Скопје сè уште важи правилото за максимум 100 милилитри по сад, а сите садови треба да бидат ставени во една проѕирна пластична кеса со максимален капацитет од еден литар.
И правилата на ЕУ во моментов ја задржуваат границата од 100 милилитри за течности во рачниот багаж, со исклучоци за неопходни лекови, храна и млеко за бебиња и одредени други категории.
Затоа, ако летате од Скопје, засега не се потпирајте на новите правила што важат на дел од европските аеродроми. Шише вода од 500 милилитри, парфем од 150 милилитри или крема од 200 милилитри и понатаму не можете да ги внесете во рачниот багаж низ безбедносната контрола во Скопје.
Промената, сепак, покажува во која насока оди авионскиот сообраќај: со ширењето на новите скенери, познатото правило за минијатурни шишенца од 100 милилитри постепено би можело да стане минато на сè повеќе европски аеродроми.