Најстариот маж на светот го прослави својот 112 роденден во дом за стари лица во англискиот приморски град Саутпорт.
Џон Тинсвуд е роден во Ливерпул на 26 август 1912 година, истата година кога потонал Титаник, а во април оваа година стана најстариот маж на светот, наследувајќи ја титулата од Хуан Висенте Перез од Венецуела кој почина на 114 години.
„Немам никакви тајни рецепти, не знам зошто живеам толку долго. Не ги чувствувам годините и не ме возбудуваат рекорди’ вели Тинсвуд.
Според него, неговата долговечност се должи на среќата и нема никакви совети кои може да ги сподели со останатите, ниту пак следи некаква посебна диета.
„Јадам тоа што ќе ми дадат во домот“ вели тој.
Тинсвуд е фан на фудбалскиот клуб Ливерпул, а роден е само 20 години по формирањето на овој клуб. Ги доживеал сите успеси и неуспеси на тимот.
Во пензија е од 1972 година, а вдовец е од 1986 година кога починала неговата сопруга, Блодвен со која бил заедно 44 години. Тие имале и една ќерка, Сузан, која е родена во 1943 година.
Најстариот маж во историјата е Џиромон Кимура од Јапонија, кој почина во 2013 година на 116 години и 54 денови.
Најстарата жена во моментов е Јапонката, Тимико Итука, која има 116 години. Таа ја „наследи“ оваа титула овој месец, откако Мариа Браниас Морера почина во дом за стари лица во Шпанија на 117 години и 168 денови.
Рекордот за најстара личност, со потврдена старост, во историјата го држи Французинката Жан Луи Кламент, која почина во 1997 година на 122 години и 164 денови.