МЖСПП ќе објавува редовни информации за инспекциските надзори во животната средина

Министерството за животна средина најави редовно објавување информации за инспекциските надзори и воспоставување Регистар на загадувачи за поголема транспарентност.

Министерството за животна средина и просторно планирање најави дека ќе продолжи со редовно објавување информации за извршените инспекциски надзори во областа на животната средина, со цел поголема транспарентност и навремено информирање на јавноста.

Од Министерството посочуваат дека ваквиот пристап е важен инструмент за информирање на граѓаните, но и за зајакнување на довербата во институциите.

„Оттука, неделните извештаи на Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжат да се објавуваат, иако за тоа не постои експлицитна законска обврска“, велат од МЖСПП.

Од Министерството нагласуваат дека кога станува збор за информации од јавен интерес, особено во областа на загадувањето и заштитата на животната средина, стандардот треба да биде поголема, а не помала достапност на информации за граѓаните.

Во истата насока е и активноста за воспоставување Регистар на загадувачи. Во тек е подготовка на потребните технички решенија, по што ќе бидат иницирани и соодветни законски измени за да се обезбеди негово целосно функционирање и јавна достапност.

Целта, како што посочуваат од Министерството, е граѓаните да имаат повеќе информации, полесен пристап до податоци и поголема можност да ги следат состојбите и постапувањето на институциите.

Од МЖСПП додаваат дека ваквата обврска произлегува и од реформските заложби и од европските стандарди за транспарентност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс