Македонското музичко издаваштво има потенцијал, но му треба поголема поддршка и видливост

Македонското музичко издаваштво има значаен потенцијал, но за негов развој се потребни системска поддршка, подобра инфраструктура и поголема промоција. Ова беше истакнато на панел-дискусија во Diamond Mall, каде се отворија клучните прашања за состојбата на домашната музичка сцена.

Музичкото издаваштво во Македонија е витално и со јасен потенцијал за развој, но неговата иднина зависи од системското препознавање на неговата вредност, развој на инфраструктурата и подобра мрежа за дистрибуција, како и од зголемена промоција на домашната музичка продукција.

Ова беше главниот заклучок од панел-дискусијата „Музичко издаваштво во Македонија – лет во место?“, која се одржа во Diamond Mall во рамки на второто издание на Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема.

Модератор на настанот беше музичкиот новинар и хроничар на македонската музичка сцена Љупчо Јолевски, а на панелот учествуваа Тошо Филиповски (Corpus Delicti Records), Бојан Коцевски (Q Records), Зоран Митровиќ (Чув Де Чув Рекордс), Душан Ристовски (Duris.MK) и Марко Печеновиќ (издавачка куќа „Мртов коњ“).

Панелистите се согласија дека музичката издавачка дејност треба да има еднаков третман со останатите културни дејности, вклучително и намалување на ДДВ од 18% на 5%.

Иако беше констатирано дека од 2020 година наваму алтернативната музичка сцена бележи поинтензивен развој, учесниците посочија дека за тој раст да биде одржлив потребни се конкретни системски чекори. Меѓу нив се развој на инфраструктурата и продажната мрежа низ целата држава, поголемо институционално препознавање на сцената и засилена соработка меѓу бендовите, медиумите и културните институции.

Дел од панелистите истакнаа и дека македонската музичка сцена во одредени сегменти добива поголема афирмација и признание во регионот отколку дома.

Со организирањето на овој панел во рамки на саемот, Diamond Mall овозможи тема која ретко добива јавен простор да биде ставена во фокусот на пошироката јавност. Наместо музиката да се гледа само како забава, таа беше претставена и како културна вредност и дел од современиот општествен идентитет.

Годинашното издание на Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема прерасна во настан кој надминува класичен изложбено-продажен формат. Покрај промоции на албуми, винил изданија и аудио опрема, посетителите имаа можност да слушнат и стручни ставови, искуства и анализи од автори и ентузијасти кои активно ја создаваат и документираат македонската музичка сцена.

Со тоа, Diamond Mall уште еднаш се позиционираше како простор каде што се среќаваат публиката, авторите, индустријата и културата, отворајќи теми кои имаат пошироко општествено значење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс