Еден од морнарите од трговскиот брод „Ејбл“ (Able), кој ноќеска беше нападнат во Црното Море, по спасувањето изјави дека, според неговото доживување, ударот не дошол од воздух, туку од под површината на морето.
„Не беше дрон, беше под водата“, изјави турскиот морнар откако екипажот беше префрлен во бугарскиот град Варна. Тој изјави оти смета дека бродот бил погоден од „подводна бомба“ и изнесе претпоставка дека истата била руска бидејќи „Ејбл“ превезувал украински товар.
Неговото тврдење засега не е независно потврдено. Бугарските власти соопштија дека нападот врз двата трговски брода бил комбиниран и дека биле користени морски и воздушни дронови, додека официјално сè уште не е утврдено кој стои зад нив.
Нападот се случил околу 3 часот наутро во бугарската исклучива економска зона во Црното Море, на околу 130 километри од бугарскиот брег.
Погодени се два трговски брода – „Алфа Ватан“ (Alfa Watan), кој пловел под знамето на Того, и „Ејбл“ под знамето на Палау.
„Алфа Ватан“ претрпел тешки структурни оштетувања и потонал. Бугарските спасувачки служби покренаа потрага по неговиот екипаж, за чија судбина засега нема потврдени информации.
На бродот „Ејбл“ по ударот избувнал голем пожар. Сите 18 членови на екипажот го напуштиле бродот, по што биле спасени од бугарскиот ферибот „Диоскурија“. Двајца морнари се тешко повредени и се хоспитализирани во болницата во Варна. Според бугарските власти, бродот превезувал пченица и се движел кон југ.
„Јас сум од Турција. Мислам дека Русите ни испратија подводна бомба, по што изби пожар. Не беше од воздух, беше под вода. Мислам дека беше руска бидејќи превезувавме украински товар“, изјави преживеаниот турски морнар за бугарската државна телевизија БНТ.
Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека нападот бил сложен и дека биле користени и поморски и воздушни дронови.
„Треба да утврдиме од каде дојде нападот“, изјави Радев, оценувајќи го инцидентот како тешко кршење на меѓународното и поморското право и целосно неприфатлив напад во бугарската економска зона надвор од територијалните води.
Агенцијата Ројтерс наведува дека извор од секторот за поморска безбедност посочил оти првичните проценки укажуваат на веројатен руски напад, но властите во Софија засега официјално не посочуваат виновник. Русија сè уште не се огласила за инцидентот.
Овој напад доаѓа само еден ден по уште еден фатален инцидент во Црното Море. Турски трговски брод што превезувал пченка се запали по напад надвор од романските територијални води и потона, при што загинаа две лица, а 11 члена на екипажот беа спасени. Украинскиот претседател Володимир Зеленски за тој напад ги обвини руските беспилотни летала.