Монголската режисерка што ќе го отвори Drim Short Film Festival: „Иднината на младите е кревка како меур“

Со краткометражниот филм „A South-Facing Window“, кој ќе го отвори годинешното издание на Drim Short Film Festival, монголската режисерка Лхагвадулам Пурев-Очир зборува за кревкоста на надежта, глобалната станбена криза и за тоа зошто верува дека македонската публика ќе се препознае во приказната за млад брачен пар од Улан Батор.

Лхагвадулам Пурев-Очир е монголска сценаристка и режисерка, родена во 1989 година. Нејзиниот краткометражен филм „Mountain Cat“ беше дел од официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал во 2020 година, додека „Snow in September“ ја освои наградата „Златен лав“ за најдобар краткометражен филм на Филмскиот фестивал во Венеција, а потоа беше прогласен и за најдобар краткометражен филм на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто во 2022 година.

Нејзиниот прв долгометражен филм „City of Wind“ ја освои наградата за најдобар актер во програмата Orizzonti на Филмскиот фестивал во Венеција во 2023 година и беше избран за монголски кандидат за наградата Оскар во 2024 година. Нејзините два најнови проекта се реализирани од Aurora Films, во копродукција со монголската продукциска куќа Guru Media.

Со својот најнов краткометражен филм **„A South-Facing Window“ („Прозорец свртен кон југ“) монголската режисерка и сценаристка Лхагвадулам Пурев-Очир ќе го отвори годинешното издание на Drim Short Film Festival. По филмовите прикажани и наградени во Кан, Венеција и Торонто, таа и овојпат носи интимна приказна што зборува за љубовта, домувањето, економската несигурност и кревкоста на надежта.

Во разговор за Tрн, Пурев-Очир објаснува зошто празните станови се симбол на иднината на младите Монголци, како настанал филмот и зошто верува дека публиката во Македонија и на Балканот лесно ќе се препознае во приказната за млад брачен пар од Улан Батор.

Tрн: Во „Прозорец свртен кон југ“ празните станови стануваат места каде што ликовите бараат надеж. Зошто токму празните домови ги избравте како централниот мотив на филмот?

Лхагвадулам: Празните станови ја симболизираат иднината, не само за брачниот пар кој се обидува да ја поправи својата врска преку купување стан, туку и за младата генерација во Монголија. Монголија е млада земја – 60 проценти од вкупното население има 30 години или помалку. Празниот стан е симболичен сад за нивните соништа и стремежи. Но, тој стремеж, таа надеж за среќна иднина, е кревка, исто како меурот на крајот од филмот. Со филмот сакав да ја изразам кревкоста на иднината на младите Монголци и нивната длабока копнеж за човечка поврзаност, која се губи на патот кон напредокот.

Tрн: Иако филмот трае само 19 минути, тој обработува многу теми – љубов, родителство, економска несигурност и соништа. Кој беше најголемиот предизвик да се раскаже толку сложена приказна во формат на краток филм?

Лхагвадулам: Најголемиот предизвик беа сцените снимени во вистински сообраќај. Бидејќи не можевме да затвориме ниту еден пат, моравме да ги снимаме сцените на реални улици, со продукциски автомобили што го опкружуваа автомобилот на главните ликови. Но, во вистинскиот сообраќај таа формација природно се нарушуваше, па имаше навистина стресни моменти за сите вклучени.

Најтешки беа сцените на расправија во сообраќајот, бидејќи актерот истовремено и самиот го управуваше автомобилот. Значи, требаше и да вози и да глуми, низ повеќе снимања и кадри.

Tрн: Во последните години монголската кинематографија станува сè повидлива на меѓународните филмски фестивали. Како ја гледате оваа нова генерација монголски режисери? И чувствувате ли одговорност преку вашите филмови да ја претставувате својата земја или вашата главна цел е да раскажувате универзални човечки приказни?

Лхагвадулам: Монголија е млада земја, па верувам дека во годините што доаѓаат сè повеќе млади режисери ќе остават свој белег во светската кинематографија. Со нетрпение очекувам да го видам тоа и да бидам дел од дијалогот што ќе го создаде оваа нова генерација монголски филмски автори.

За мене не постои разлика помеѓу снимање филм за Монголија и снимање филм за самата себе. Затоа ќе продолжам да снимам филмови што произлегуваат од моето најдлабоко јадро и преку киното да се изразувам себеси. Не се обидувам свесно да ја претставувам мојата земја преку моите филмови, ниту пак намерно да создавам универзални приказни. Мислам дека ако останам искрена кон себе, истовремено ќе ја претставувам и мојата земја, додека ќе бидам дел од едно пошироко кинематографско истражување на човечноста.

Tрн: Кои режисери или уметници имале најголемо влијание врз вашиот филмски јазик и стилот на раскажување?

Лхагвадулам: Мислам дека моите филмови се „збир“ од сите филмови што сум ги гледала и од моите животни искуства. Затоа, на младите филмаџии би им рекла да гледаат многу, многу филмови и навистина да бидат присутни во сопствениот живот. Понекогаш филмот, односно создавањето филмови, може да стане бегство од реалноста, а тоа треба да се избегнува. Присутноста е најважното нешто за еден филмаџија, колку и да биде понекогаш болна.

Во текот на животот сум се поврзувала и сум била „опседната“ со многу режисери. Во моментов повторно ги откривам и повторно сум опседната со Линч и Бергман. Откако снимив неколку краткометражни и еден долгометражен филм, сфатив дека денес гледам филмови на поинаков начин и навистина уживам да се враќам на основите и повторно да ги гледам ремек-делата. Пред некој ден, за првпат го гледав „The Straight Story“ на Линч и не можев да го тргнам погледот од екранот.

Tрн:. Филмот ја имаше својата светска премиера на Филмскиот фестивал во Локарно, а потоа продолжи да се прикажува на големи меѓународни фестивали. Каква улога имаат филмските фестивали во животот на еден краткометражен филм?

Лхагвадулам: За краткометражниот филм, фестивалите се главниот начин да стигне до публиката и да биде виден. Денес постојат некои платформи за кратки филмови и можности за онлајн-дистрибуција, но фестивалите и понатаму се главниот начин краткометражниот филм да стигне до гледачите.

И, што е уште поважно, фестивалите нудат единствена можност кратките филмови да се гледаат на кино-платно. Филмот треба да се гледа во кино. Затоа не можам доволно да ја нагласам важноста на фестивалите – поради публиката, поради кино-салите и поради нивната поддршка и поврзаност со младите филмски автори.

Тие им овозможуваат на филмаџиите да се сретнат меѓусебно и да воспостават дијалог. Воедно, му помагаат името на режисерот да стане препознатливо. Според моето искуство, филмските фестивали се главниот начин моите филмови да стигнат до својата публика.

Tрн: Што значи за вас тоа што „A South-Facing Window“ е избран во Меѓународната конкуренција на Drim Short Film Festival?

Лхагвадулам: Многу сум среќна и благодарна што „A South-Facing Window“ ќе биде прикажан во Македонија и што ќе се сретне со македонската публика. Тоа е можност Македонците да го видат Улан Батор и да го слушнат монголскиот јазик.

Мислам дека Македонците ќе се препознаат во приказната за еден монголски брачен пар кој се обидува да се задржи еден до друг, додека истовремено се губат во празнината на модерноста. Филмот, на многу начини, е приказна за современиот човек, особено кога станува збор за тешкотијата да се пронајде и обезбеди дом.

Tрн: Верувате ли дека публиката во Македонија и на Балканот ќе препознае делови од сопствената реалност во оваа приказна, иако таа е длабоко вкоренета во Монголија?

Лхагвадулам: Имајќи го предвид нашето заедничко комунистичко минато, сигурна сум дека балканската публика ќе препознае многу визуелни мотиви во моите филмови, особено во претходните, кои се сместени во станбени блокови од советскиот период и во училишта.

Но, во овој филм мислам дека балканската публика ќе ја препознае очајната, нечовечна и глобална станбена криза што ја создаде капитализмот. Домовите станаа толку скапи што човек има чувство дека треба да продаде рака, нога, па дури и своите родители и баби и дедовци, само за да добие кредит.

е-Трн да боцка во твојот инбокс