Индискиот премиер Нарендра Моди на 75-годишна возраст го менува својот долго граден имиџ на строг лидер и преку поопуштени содржини на Инстаграм се обидува да стигне до генерацијата З. Официјалниот профил на лидерот на Индија, кој брои над 106 милиони следбеници, од неодамна наместо протоколарни говори објавува селфи-видеа, трендовски формати за подготовка пред настапи и сленг карактеристичен за тинејџерите, пишува Би-би-си.
Промената во комуникацијата следи по неодамнешниот бран младински протести што покажаа колку брзо дигиталниот активизам може да стане реален политички притисок. Политичкото движење покренато од сатиричната партија „Cockroach Janta“ се прошири исклучиво преку мемиња и преноси во живо на социјалните мрежи. Притисокот од дигиталната публика резултираше со оставка на сојузен министер, што сериозно ја изненади владејачката партија Бхаратија Џаната (БЈП).
Повеќе од 60 проценти од населението во Индија е помладо од 35 години. Партијата на Моди со години важеше за пионер во политичкиот дигитален маркетинг, што беше клучен фактор за нивната изборна победа уште во 2014 година.
Сепак, аналитичарите посочуваат дека нивната досегашна машинерија беше прилагодена за постари платформи и еднонасочни партиски пораки, додека новата генерација корисници реагира со потсмев на обидите на премиерот да користи тинејџерски трендови.