Според критериумите на федерацијата, за хуманоиден се смета робот кој има изглед сличен на човек и може автономно да функционира во средина создадена за луѓе. Нозете, сепак, не се задолжителен услов.
Иако бројката расте, хуманоидните роботи сè уште претставуваат само мал дел од глобалниот пазар на роботика. Во 2024 година во светот биле инсталирани околу 542.000 индустриски роботи, додека дополнителни околу 199.000 сервисни роботи биле продадени за употреба во транспортот, угостителството и чистењето.
Од IFR посочуваат дека дел од хуманоидните роботи продадени во 2025 година сè уште немале конкретна продуктивна функција. Нив ги набавувале истражувачки институции и компании кои ги користат за собирање податоци и развој на модели на вештачка интелигенција.
Автомобилската индустрија е меѓу првите што започнаа со тестирање на оваа технологија. Производителите спроведуваат пилот-проекти во фабриките, најчесто со неколку, а во одредени случаи и со десетици хуманоидни роботи.
Очекувањата за следните години се значително поголеми. Bank of America проценува дека само во 2026 година би можеле да бидат испорачани околу 90.000 хуманоидни роботи, а до 2030 година бројката да достигне 1,2 милиони.
Во статистиката на IFR не се вклучени хуманоидни роботи наменети за потрошувачите и воената употреба, додека медицинските роботи се водат во посебна категорија.
Податоците за вкупниот број индустриски и сервисни роботи за 2025 година IFR треба да ги објави на 24 септември.