Музичарот и композитор Михаил Парушев на 6 октомври во просторот на „Паблик рум“ во Скопје ќе одржи концертна промоција на својот нов авторски проект насловен „Атер“. Програмата содржи осум композиции низ кои Парушев прави пресек на повеќе творечки етапи, претставувајќи нови верзии на стари теми заедно со материјал што досега не бил изведен пред публика.
Проектот „Атер“ функционира како поврзување на различните периоди и авторски интереси на Парушев во една нова концертна целина. Во селекцијата се вклучени дела од албумите „Lulka“ од 2007 година и „KAVALIUS“ од 2016 година, надополнети со нови концертни верзии на „Lux Part 1“, „Debar Dobar Dabar“ и носечката тема „She Is“.
Посебно место во програмата има и новата обработка на традиционалната песна „Во наше село, чешма шарена“, за која аранжманот го потпишува самиот Парушев. Настапот е замислен како целосно живо претставување на материјалот. Публиката ќе слушне и одредени композиции од неговите претходни проекти „Agol“ и „Ringishpill“, односно речиси сè од „Атер“ што е приспособено за изведба во живо.
Парушев на сцената ќе свири тапани, придружуван од составот Parussion Group. Екипата ја сочинуваат уште четворица инструменталисти: Александар Бошков на гитара, Иван Иванов на флејта и саксофони, Јован Цветковиќ на пијано и Иван Бејков на бас.
Концертот започнува на 6 октомври во „Паблик рум“, а влезниците за настанот се достапни преку продажната мрежа на тикс.мк.