Маж во САД ја уби девојката, нејзината мајка, баба и пријатели

По крвавиот напад осомничениот подметнал пожар на телата и имотот, а во телефонски повик до својата мајка признал дека однапред го планирал злосторството

Триесет и шестгодишниот Бенџамин Чарлс Паркер уби пет лица и неколку домашни миленици на семеен имот во близина на Форест Гроув во американската сојузна држава Орегон, потврди локалната полиција. Меѓу жртвите се неговата 26-годишна девојка Стела Џејд Кимзи, нејзината мајка, бабата, како и нејзината најдобра пријателка со својот партнер.

Според полициските извештаи, мотивот за масакрот била расправија поради раскинување на врската, откако девојката побарала од него да се исели. Жртвите биле застрелани со огнено оружје од мал калибар во моментот кога загрижени доаѓале на имотот за да проверат што се случува, откако телефонската линија со младата девојка ненадејно се прекинала.

По извршените убиства, напаѓачот пукал и во домашните животни, по што запалил две возила со телата на настраданите и се обидел целосно да ја опожари семејната куќа. Додека бегал од местото на настанот, Паркер остварил телефонски повик со сопствената мајка во кој отворено признал дека злосторството било однапред испланирано, наведувајќи дека првичниот план бил да ликвидира три лица.

Овој трагичен настан ја отвора и пошироката дебата за семејното насилство со фатален исход и лесната достапност до огнено оружје во американското општество. Истражните органи и форензичките тимови најавија детални вештачења во следните месеци со цел да се расветлат сите околности околу петкратното убиство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс