Шест месеци под отворено небо: Што стои зад протестите што викендов повторно ја креваат Тирана на нозе?

На 182-от ден од континуираните собири што започнаа против луксузниот ресорт во Зврнец, албанската дијаспора и студентите најавуваат нова масовна мобилизација за Денот на независноста и Денот на ослободувањето.

Овој викенд, во сабота и недела на 28 и 29 ноември, кога Албанија ги одбележува Денот на независноста и Денот на ослободувањето, Тирана се подготвува за нов голем национален протест. Собирот ќе го означи 182-от последователен ден од граѓанското движење познато како „Фламинго револуција“, кое од 31 мај годинава нема пропуштено ниту една вечер на улиците на албанскиот главен град. Организаторите и овој пат најавуваат масовно враќање на албанската дијаспора, со амбиција да ја повторат сликата од 20 јуни, досега најмасовниот ден, кога десетици илјади иселеници пристигнаа во Тирана во долги автомобилски конвои од цела Европа.

Она што пред шест месеци започна како локален еколошки отпор, во меѓувреме прерасна во најдолготрајниот континуиран протестен бран во поновата историја на Албанија. Првичната искра беше одбраната на крајбрежната област Зврнец во близина на Валона, каде граѓаните и активистите се спротивставија на контроверзниот проект за изградба на луксузен туристички ресорт поврзан со американскиот бизнисмен Џаред Кушнер. Сепак, незадоволството брзо ги надмина границите на еколошката тема и се прелеа во поширок граѓански бунт против корупцијата, со јасни политички барања: оставка на премиерот Еди Рама, формирање преодна техничка влада и воспоставување „нов општествен договор“.

Во текот на летото, притисокот на плоштадот го одржуваа неколкуте големи маршеви на дијаспората, паралелно со речиси триста собири за поддршка организирани од иселениците во шеесетина градови ширум светот — од Минхен, Лондон и Виена, па сè до Ванкувер и Мелбурн. Но, вистински пресврт и нова енергија на улиците донесе есента. Во средината на октомври во протестите масовно се вклучија студентите, средношколците и дел од универзитетските професори. Нивното излегување донесе драматична ескалација на тензиите, проследена со судири пред Парламентот и Владата, употреба на солзавец и десетици приведени демонстранти – настани за кои во изминатиот период известуваше и Трн. Деновиве, пак, на демонстрантите пред владината зграда им се придружи и познатата активистка Грета Тунберг, која јавно го критикуваше полицискиот третман врз граѓаните.

Бидејќи проценките за бројот на присутни на ваквите собири често се предмет на спротивставени политички толкувања, група активисти и истражувачи од движењето Flamingo Diaspora го лансираа бесплатниот, некомерцијален тракер „Пулси“ (Pulsi). Оваа платформа секојдневно ја документира состојбата на терен преку преноси во живо и алгоритамски модел за броење толпа, поставувајќи релативен индекс во кој 20 јуни (кога според проценките на организаторите на плоштадот имало над 100.000 луѓе) ја носи максималната вредност од 100. Податоците на „Пулси“ (достапни и како отворена база на податоци) покажуваат дека и по летниот пад, движењето успеа повторно да се мобилизира — големиот национален протест на 24 октомври бил најмасовниот собир по почетокот на јули, со околу четири пати поголема присутност од вообичаените есенски вечери.


Движењето инсистира на тоа дека останува мирно, непартиско и обединето исклучиво под албанското државно знаме, категорично отфрлајќи ги повиците за дијалог со владата без претходна оставка на премиерот. Со наближувањето на празничниот викенд, 28 и 29 ноември се наметнуваат како клучен тест за издржливоста на шестмесечниот отпор – момент кој ќе покаже дали спојот на студентскиот активизам и повторното доаѓање на дијаспората може да отвори ново поглавје на политичката сцена во Албанија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс