„Машкари аменде“ со дводневна културна и музичка програма во Шуто Оризари

Шуто Оризари одбележува 30 години од основањето на општината со дводневниот фестивал „Машкари аменде“, кој ќе се одржи на 11 и 12 септември. Програмата опфаќа детски и младински работилници, изложба, ромска поезија и бесплатни концерти на плоштадот во општината.

Фестивалот го организира Европскиот ромски институт за уметност и култура, ЕРИАК, во партнерство со Општина Шуто Оризари. Организаторите најавуваат програма посветена на културата, наследството и современото творештво на ромската заедница.

Првиот фестивалски ден, 11 септември, е наменет за децата и младите и ќе се одржи во ООУ „Браќа Рамиз и Хамид“. Од 9:30 до 15:30 часот ќе се одржат работилници за текстилна уметност, физички театар и ромско раскажување, како и заедничко сликање мурал во боите на ромското знаме.

Работилницата „Текстилни херои“, предводена од Луна де Роса и Ахмед Кадри, ќе им овозможи на децата да создаваат текстилни панели посветени на ромски личности што ги инспирираат. Панелите потоа ќе бидат обединети во заедничка поставка.

Неџо Осман ќе ја води театарската работилница за млади, поврзана со наследството на ромскиот театар „Пралипе“, основан во Шуто Оризари во 1970 година. Џемилијана Абдулова ќе одржи работилница за ромско раскажување преку сеќавања, песни, говор и традиции на ромски јазик.

Изложба и ромска поезија на вториот ден

Програмата на 12 септември започнува во 15 часот во просториите на Општина Шуто Оризари. На отворањето ќе се обратат градоначалникот Курто Дудуш и Мануела Демир Кариман, раководителка на програмата за гордост и работа со заедниците при ЕРИАК.

Во 15:20 часот ќе биде отворена патувачката изложба „Ромски отпор“, развиена од ЕРИАК. Потоа, од 15:30 часот, следува програмата „Ромска поезија“, во која Неџо Осман ќе го претстави наследството на театарот „Пралипе“, со читања на Севдија Демирова Абдулова и Сафет Камбер.

Бајса Арифовска и „Дијалектика“ на општинскиот плоштад

Музичкиот дел од фестивалот започнува во 19 часот на плоштадот во Шуто Оризари. Први ќе настапат младите музичари од Roma Rock School Band.

Во 19:45 часот ќе настапи македонската ромска мултиинструменталистка Бајса Арифовска со проектот „Дијалектика“. Проектот ги поврзува балканската, медитеранската, северноафриканската и ромската музичка традиција. Со Арифовска ќе настапат Полис Ефраимидис од Грција, Кари Иконен од Финска и Дамир Мазрек од Словенија.

Gipsy Groove Band од Косово ќе настапи во 20:35 часот со спој на традиционална ромска музика, балкански ска и реге. Вечерта ќе заврши со настап на диџеј Бате, закажан за 21:30 часот.

Влезот за сите фестивалски содржини е бесплатен.

Програма за 11 септември

  • 9:30 до 11:30 часот: „Текстилни херои“ со Луна де Роса и Ахмед Кадри
  • 9:30 до 11:30 часот: театарска работилница со Неџо Осман
  • 9:30 до 11:30 часот: работилница за ромско раскажување со Џемилијана Абдулова
  • 12:00 до 14:00 часот: заедничко сликање мурал
  • 13:30 до 14:30 часот: „Текстилни херои“ со Ахмед Кадри
  • 13:30 до 14:30 часот: работилница за ромско раскажување со Џемилијана Абдулова
  • 15:00 до 15:30 часот: заедничко затворање на денот

Програма за 12 септември

  • 15:00 часот: официјално отворање
  • 15:20 часот: отворање на изложбата „Ромски отпор“
  • 15:30 часот: програма „Ромска поезија“
  • 19:00 часот: отворање на музичкиот фестивал
  • 19:20 часот: Roma Rock School Band
  • 19:45 часот: Бајса Арифовска и „Дијалектика“
  • 20:35 часот: Gipsy Groove Band
  • 21:30 часот: диџеј Бате

е-Трн да боцка во твојот инбокс