Марин Ле Пен се дистанцира од Москва: „За француската политика ќе се одлучува во Париз, а не во Москва“

Лидерката на Националното обединување заедно со Жордан Бардела го осудија рускиот притисок врз европските компании и предупредија дека Москва не смее да влијае врз француската политика

Марин Ле Пен и лидерот на Националното обединување, Жордан Бардела, испратија порака со која остро се дистанцираат од руското мешање во француската политика. Во заедничко писмо тие порачаа дека за надворешната политика на Франција ќе се одлучува во Париз, а не во Москва, откако Русија стави под привремена управа повеќе европски компании, меѓу кои и францускиот трговски синџир „Ошан“.

Ле Пен, која во минатото беше критикувана поради нејзиниот однос кон Кремљ, сега заедно со Бардела го осуди она што го опишуваат како руски обид за притисок врз европските држави.

„Никогаш нема да толерираме странска сила, во овој случај Русија, која се надева дека директно или индиректно, преку заплашување, закани, дестабилизација или психолошки притисок, ќе ја диктира политиката на нашата земја“, наведоа двајцата во писмото.

Тие нагласија дека француската надворешна политика се креира во Париз, а не во Москва. Повод за писмото е одлуката на Кремљ да ги стави под привремена управа руските средства на неколку компании од земји што Москва ги смета за „непријателски“. Меѓу нив е и „Ошан“, кој има големо присуство на рускиот пазар. Во истата одлука е опфатен и швајцарскиот „Нестле“.

Русија формално ја нарекува мерката „привремена управа“, што значи дека сопственоста не се пренесува веднаш, но државно назначен управител ја презема контролата врз активностите и средствата. Москва во минатото применуваше сличен механизам и врз други западни компании.

Ле Пен и Бардела во писмото се осврнаа и на неодамнешните безбедносни инциденти во Европа, вклучително и случајот со дрон со експлозив во близина на аеродромот во Лајпциг, кој, според германските власти, бил поврзан со Москва. Русија ги отфрла ваквите обвинувања за хибридни напади како неосновани. Двајцата политичари наведоа дека во Франција треба слободно да се разговара за дипломатската и стратешката ориентација на земјата, вклучително и за обемот и условите на француската поддршка за Украина.

Но, истовремено, тие прават разлика меѓу политичката дебата во Франција и надворешниот притисок. Според нив, ниту провокации, ниту тајни операции, ниту обиди за дестабилизација не треба да влијаат врз француските одлуки за Украина и односите со Русија.

Позицијата претставува забележливо поостар тон на Ле Пен кон Москва во однос на нејзиниот политички имиџ од претходните години. Таа во минатото се соочуваше со критики поради односите со Кремљ и заемот од чешко-руска банка во 2014 година, што стана дел од дебатата за нејзиниот однос кон Русија.

Ле Пен и Бардела сепак не повикуваат на прекин на политичката дебата за односите со Русија. Напротив, тие наведуваат дека Французите треба да одлучуваат за дипломатската политика и за поддршката на Украина, но без влијание од Москва.

Најновите изјави доаѓаат во период на зголемени тензии меѓу Русија и европските држави. Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна изјави дека руските хибридни активности во Европа и Франција се интензивираат и најави мерки за заштита на критичната инфраструктура од сајбер и дронски напади. Москва ги отфрла обвинувањата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс