Макрон со повик до Европа да развие сопствена програма за летови со астронаути

Европската вселенска агенција располага со сопствен корпус астронаути и учествува во работата на Меѓународната вселенска станица
Фото: CC-BY-4.0: © European Union 2022 – Source: EP

Францускиот претседател Емануел Макрон ја повика Европа да развие сопствен капацитет за вселенски летови со човечки екипаж, предупредувајќи дека европската вселенска програма останува ранлива и зависна од странски партнери.

„Сакаме Европа да ја покаже својата амбиција во областа на летовите со човечки екипаж. Нашата европска вселенска програма останува кревка и мора да ги зголемиме напорите“, изјави Макрон на Меѓународниот вселенски самит во Париз.

Европската вселенска агенција располага со сопствен корпус астронаути и учествува во работата на Меѓународната вселенска станица, како и во американската програма „Артемис“. Сепак, Европа нема сопствено вселенско летало со кое може самостојно да испраќа луѓе во орбитата.

Европските астронаути во моментов патуваат со американските капсули „Кру драгон“ на компанијата „Спејс икс“, а во минатото беа превезувани и со руските летала „Сојуз“. Развојот на сопствен европски систем би опфатил ракета, капсула за екипаж, системи за спасување и инфраструктура за безбедно враќање на астронаутите на Земјата.

Повикот на Макрон е дел од пошироката иницијатива за европска стратешка автономија во вселената. Франција се залага европските влади и институции почесто да ги користат европските ракети и сателитски системи, наместо да се потпираат на американски компании.

На самитот во Париз беше објавено и дека сателитската мрежа „Амазон Лео“ нарачала уште шест лансирања со европската ракета „Аријана 6“. Со новиот договор, вкупниот број на планирани лансирања на сателитите на „Амазон“ со оваа ракета се зголемува на 24 до 2031 година.

И покрај успешното воведување на „Аријана 6“, меѓу Франција и Германија постојат разлики околу идните приоритети и финансирањето на европската вселенска политика. Германија во повеќе наврати покажуваше резерви кон обврската институционалните мисии задолжително да се реализираат со европски ракети.

Макрон порача дека вселената веќе не е само поле за научни истражувања, туку има големо економско, технолошко, безбедносно и воено значење. Според него, Европа мора да избере дали ќе остане корисник на туѓа технологија или ќе стане самостоен фактор во новата вселенска трка.

Иницијативата допрва треба да добие политичка поддршка и конкретно финансирање од европските држави. Развојот на целосно независна програма за летови со астронаути би бил сложен и скап проект, кој би се реализирал во период од повеќе години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс