Search

Македонскиот сон – ТОП 32

Продавачите на ветер и магла добро знаат дека единствено лошите вести “палат“. Навреда, псовка, насилство, смрт, војна, тепачка, крај на светот и идентитетот. Затоа систематски ни ги полнат главите со тоа. Добрите вести не вршат работа. Особено во нашево деморализирано општество, буквално никој не е заинтересиран за добра вест. А добри вести има. Главно ги игнорираме, или на нив реагираме со недоверба, па и малициозно. Програмирани сме за омраза и зло. Такви, деморализирани, сме им далеку покорисни на продавачите на ветер и магла.

Триесет и две години фигурираме како независна држава. Реализација на сонот на нашите предци и херои. Го живееме нивниот сон. Македонскиот сон. Некои ќе речат кошмар. Сѐ е во главата. Ако дозволите, со вашата глава ќе владеат кошмари. Јас секогаш сум за светлата страна. Добри вести. Креативни соништа кои нудат позитивни животни решенија. Во тој дух и оваа топ листа на 32 светли точки за нашите 32 години македонска држава. Сигурен сум дека има многу повеќе светли примери од овие, па со нетрпение ја очекувам сто годишнината, за да составам топ 100.

  • Канал 103: неколку месеци постаро од Македонија, култното скопско радио, популарната Стотројка, беше прозорец кон светот, интернет пред интернет за сите Македонци со пософистицирани културни потреби. За прв пат континуитет во прогресивната културно-уметничка понуда во Скопје и земјата.
  • Приемот во Обединетите Нации. Прв пат во поновата историја светот да признае Македонска држава. Честито.
  • Голот од корнер на Шаќири против Англија во гости, иако беше малку појако кога наздравувајќи за нашите мртви татковци и плачејќи ја пеевме химната со другарите и со мојот (тогаш) 7 годишен син, кога нашата репрезентација играше на Европското првенство во фудбал 2021. Фала ти боже за тоа.
  • Сетстат – најдобриот џез состав во независна Македонија, го отсвире “Кораб“ на Скопскиот Џез Фестивал во 2011 и ги фрли во сенка 😉 настапите на Реј Чарлс, Вејн Шортер, Пет Метини, Орнет Колман и еден куп вистински легенди кои ни ги овозможи овој првокласен македонски бренд низ децениите. Благодарност за нивото, драги наши СЏФ.
  • Медена земја. Таа оскаровска вечер пред ТВ екраните беше појака од финале на светско. Медот заслужи барем 1 Оскар, “али намештаљка“.
  • Граѓанското организирање против обидот за прикривање на убиството на Мартин Нешковски. Фини луѓе смирено загосподарија со улиците. Недвосмислена демонстрација на култура и цивилизираност. Значи сепак можеме.
  • Блесокот на МКЦ (Младински Културен Центар Скопје) во втората декада на овој век. Благодарение на некои умни, храбри и фини луѓе, МКЦ стана вистински културен центар и трошка надеж за нашата младеж која сеуште живее тука. Ќе се опстанува ли?
  • Метропол. Легендарен клуб. Суштинскиот врв на македонската урбана техно револуција. Повеќе од лудо и корисно. Чекор напред. За сите.
  • Изгрејсонцето на плажа 2 Градиште (под карпата), по журка на ПиЕмЏи Колектив во летото 1997 година.
  • Зајдисонцето на западното скопско небо. Онака нека стои ради природна “лепота“.
  • Д Фестивал на Пасворд продукција. Врвен македонски бренд. Кога сме веќе кај фестивали и Урбан Фест на 103јка во 1994 и Т Фест 1995. Така се градеше современиот македонски идентитет.
  • Европски шампион(к)и во ракомет: Кометал и Вардар. О, каква радост!
  • Приемот во НАТО. Кога изгласавме држава, уште тој 8ми септември 1991, беше јасно дека припаѓаме на западниот свет. Не дека имаме некој избор. Секој што вели дека имаме избор, лаже. А и реално, тоа е најдобрата опција за Македонија. Сега можеме слободно ЉУБОВ да ВОДИМЕ НА ПЛАЖА, бидејќи НАТО ЧУВА СТРАЖА 😉
  • Скопје Ремикс. Конечно филм со автентична урбана тематика. Романтично “адио“ на земјоделските корени и култот кон болката во македонската кинематографија.
  • Македонската современа музика на преминот на векот: Мизар, Архангел, Анастасија, Бернајс Пропаганда, ПМГ Колектив, Д Џон, Беи Д Фиш, Роботек, Александар Пејовски, Фолтин… допишете по желба, се работи за современиот македонски соничен идентитет.
  • ПМГ Рекордингс. Најдолготрајната и најактивна македонска дискографска куќа. Со поглед напред и речиси 300 изданија во 25 години, вистински конзерватор и архивист на современата прогресивна македонска музика.
  • Децата. Неколкумина македонски средношколци, во импровизирана работилница измислија и со 3Д принтер создадоа биотичка рака со отворен код за луѓе со недостаток на горните екстремитети. “Луѓето различно гледаат на млади иноватори како нас – тие не веруваат дека сме способни да создаваме влијателни иновации што им помагаат на луѓето пошироко“, велат. “Но, ние сакаме да размислуваме поинаку“. Да сте живи и здрави.
  • Децата. Нашата сегашност, нашата иднина. Мобилната игра „Tie Dye“ што ја создаде македонското студио за игрици “Furious Avocado“, ја освои првата награда за најдобра “casual“ игра за 2020 година во светот.
  • Трчај Бе! Можеби Битола нема аеродром, но затоа коњ за трка има и тоа опасен. Најдобриот маратон во Македонија. И тек ќе биде голем.
  • Тоше.
  • Преспанскиот договор. Покажавме зрелост под притисок за решавање на сериозни проблеми и способност за компромис, како основна карактеристика за пристап кон цивилизираниот свет. Капацитет за само-владеење дами и господа.
  • Литературна револуција. Издавачки бум. Квантитет кој раѓа квалитет. Андоновски, Смилевски, Димковска и Јолдески со награди за литература на ЕУ. Румена Бужаровска блесна во вистинска регионална, а полека и европска литературна ѕвезда, која Македонскиот јазик го “извезе“ во Грција. Маргина, Лифт, Биби Црвенковска… Можеби сме малку, но екстремно сме писмени J Нели?
  • Симон Трпчевски. Македонисимо. Светска слава.
  • Прашина на Милчо Манчевски ми е најомилен домашен филм од осамостојувањето, но сепак повеќе ги сакам двете следни генерации современи македонски режисери кои почнаа да жнеат награди по светот.
  • Филхармонија. Успехот на новата зграда по сите параметри.
  • Синиша Евтимов. Театарски режисер и татко на современата македонска комедија. Број 1 најпродаван на благајните во земјава. Одите во театар и се газите од смеење.
  • Најновиот македонски рокенрол бран: Луфтханза, Вагина Корпорација, Хајка, Короужн, Занаду, Пичвајс, Аудиоцигла и мал милион други. Сите млади, сите убави, сите бесни. Што повеќе толку подобро.
  • Илина Арсова, душман(ка) на највисоките светски врвови.
  • FX3X. Македонска компанија за анимација и визуелни ефекти која работи за највозбудливите и најуспешни холивудски блок-бастери. Одамна не ги бројат добиените Оскари. Здосадено им е.
  • Концертот на Duran Duran во Скопје 2012 година. Простете панкери, даркери и роќери, ама Македонија е шминкерска земја J
  • Сите пристојни луѓе кои чесно и во континуитет си ја работат својата работа, секојдневно придонесувајќи да се врти тркалото на конструктивноста, наспроти коруптивното мнозинство, кое се дави во гомната на сопствениот неморал.
  • Сè уште имаме држава. Да ја задржиме.
Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни