„Македонски сновиденија“ концерт на Националниот џез оркестар на „Охридско Лето“

Специјално за оваа прилика Националниот џез оркестар направи нов аранжман на познатата народна нумера „Билјана платно белеше“

Во петок на 14 август на „Охридско лето“ ќе се одржи концертот „Македонски сновиденија“, енергична фузија од македонски фолклор и современ џез, во изведба на Националниот џез оркестар

Концертот ќе се одржи на сцената на Долни сарај во Охрид со почеток во 21 часот, диригент ќе биде Владимир Николов, а специјален гостин – трубачот Питер Сомуа од Гана кој живее и работи во Ротердам.

Националниот џез оркестар ќе ги изведе новите аранжмани на македонски народни песни и оригинални авторски композиции инспирирани од македонската фолклорна традиција. Покровител на концертот е компанијата А1 Македонија, генерален спонзор на Охридско лето.

По иницијатива на компанијата, Националниот џез оркестар направи нов аранжман на познатата народна нумера „Билјана платно белеше“. Аранжманот е на пијанистот Гордан Спасовски, а ќе биде изведена на концертот.

„Македонски сновиденија“ веќе постигна голем успех на меѓународната сцена. Лани во ноември оркестарот реализираше европска мини-турнеја настапувајќи во големата сала ELTE во Будимпешта, модерниот културен центар La Fabrika во Прага и во легендарниот џез клуб Porgy & Bess во Виена.

Годинава во мај концертот беше изведен во Брисел во престижниот културен центар Bozar, каде оркестарот беше пречекан со стоечки овации и високи оценки од европската публика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс