Македонскиот квартет тромбони „Макбрас“ ќе настапи на најпрестижниот светски фестивал за тромбон – ITF 2026 во Рига, Латвија.

Квартетот „Макбрас“ ја претставува Македонија на International Trombone Festival во Рига – историски настап на најголемиот светски фестивал за тромбонот.

Квартетот тромбони „Макбрас“ оваа година ќе ја претставува Македонија на 55. издание на International Trombone Festival (ITF), кој ќе се одржи во Рига, Латвија – настан што важи за најреномиран светски фестивал посветен на тромбонот.

Станува збор за историски момент, бидејќи за првпат Македонија ќе има свои претставници на овој фестивал, на кој редовно настапуваат врвни солисти, ансамбли и професори од целиот свет. ITF се одржува од 1971 година и секоја година има различна земја-домаќин.

Квартетот „Макбрас“, кој годинава одбележува 10 години активно музицирање, ја продолжува традицијата на вакви состави во Македонија, започната уште од 1970-тите со квартетот „Рибарски“, како и подоцнежните состави во рамки на Македонската опера и балет.

Членови на квартетот се: Бранко Илиевски, Никола Ристевски, Виктор Богоевски и Александар Ниниќ.

Нивното учество на фестивалот е обезбедено по успешна меѓународна селекција, врз основа на аудио-снимка од композицијата „Вулканска суита“, дело на композиторите Блажен Настевски (Македонија) и Хектор Муњоз (Гран Канарија), специјално создадена за квартетот и посветена токму на „Макбрас“.

Ова дело, кое својата премиера ја имаше на Канарските Острови, ќе биде дел од нивната програма во Рига, заедно со композиции од македонски автори, преку кои ќе ја претстават домашната култура и современото музичко творештво пред меѓународната публика.

Настапот на фестивалот претставува значајна можност за афирмација на македонската музичка уметност на светско ниво, но и потврда дека домашните музичари можат рамноправно да се носат со светската сцена.

Патувањето и учеството ќе бидат реализирани најголем дел со сопствени средства на членовите, со поддршка од Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во наредниот период, квартетот ќе организира и концерти во Скопје, со цел обезбедување дополнителни средства.

Од „Макбрас“ се надеваат дека јавноста и институциите ќе ја препознаат важноста на овој успех и ќе дадат поддршка во нивната мисија достојно да ја претстават Македонија на најголемиот светски фестивал за тромбонот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс