Здружението „Икуалити“, во партнерство со Здружението „Иднина на традицијата“ од Ресен, го најави 12-месечниот проект „Магијата на Преспа“, програма што ги поврзува одржливиот туризам, културното наследство, уметноста и социјалната инклузија.
Проектот има за цел да ја промовира Преспа како автентична дестинација во која природата, културата и локалната заедница се главните носители на туристичката приказна. Програмата треба да придонесе за развој на нови туристички содржини, зачувување на природните и културните вредности на регионот, подобрување на животниот стандард на локалното население и привлекување нови посетители.
Во рамки на проектот ќе се реализираат работилници посветени на културното наследство на Преспанскиот регион и изработка на рачни творби со техниката бакрорез. Дополнително, предвидени се и арт-терапевтски работилници кои преку уметнички техники и инспирација од природните ресурси на Преспа ќе поттикнат креативен развој и ментална благосостојба.
Програмата вклучува и тридневен retreat настан насочен кон ментално и физичко здравје, личен развој, зајакнување на социјалните врски и градење самодоверба. Посебен дел од активностите ќе бидат велосипедските тури „Преспански авантури“, кои ќе се реализираат со стандардни и адаптирани handbike велосипеди, со акцент на еднаков пристап до рекреативни и туристички содржини.
Веќе се отворени повиците за учество на првата работилница за бакрорез, која ќе се одржи на 16 мај 2026 година во Ресен, како и на првата арт-терапевтска работилница, предвидена за 4 јули 2026 година, исто така во Ресен. Проектот е дел од програмата #EUforPrespa, поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, а реализирана од УНДП во партнерство со вклучените страни.