„Љубовта во сите нејзини облици“: Во Скопје почнува Неделата на италијанскиот филм

Во Скопје започнува 26. Недела на италијанскиот филм со шест современи остварувања под мотото „Љубовта во сите нејзини облици“, со бесплатни проекции во Кинотека и летно кино.

Од денес до сабота во Скопје се одржува 26. издание на Неделата на италијанскиот филм, во рамки на иницијативата „Fare Cinema“, под покровителство на Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, во соработка со Министерството за култура.

Целта на програмата е промоција на италијанската кинематографија и аудиовизуелна индустрија на меѓународно ниво.

Шест современи италијански филмови

Овогодинешното издание носи циклус од шест современи филмски остварувања, обединети под темата „Љубовта во сите нејзини облици“, која е и дел од културната програма на Амбасадата на Италија во Скопје за 2026 година.

Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Помилување“ (La Grazia, 2025) на оскаровецот Паоло Сорентино.

Во текот на неделата ќе бидат прикажани: „Кратка љубовна приказна“ (2025), „Премолчените нешта“ (2026),„Ана“ (2025),„Радост моја“ (2025),„Живот во рамнина“ (2025)

Последниот филм е добитник на повеќе признанија на наградите „Давид ди Донатело“, меѓу кои и за најдобар филм.

Проекции со бесплатен влез

Филмовите ќе се прикажуваат во оригинална верзија на италијански јазик, со македонски и англиски превод.

Проекциите ќе се одржуваат во Кинотека на Македонија, освен отворањето кое ќе биде во летното кино на отворено во 20:30 часот. Влезот е бесплатен до пополнување на капацитетите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс