„Фостер“ повторно без доплата во аптеките за сите осигуреници

Повеќе нема дополнителни трошоци за хроничната терапија за ХОББ, осигурениците во аптеките плаќаат само стандардна рецептурна партиципација.

Пациентите кои користат „Фостер“ од овој месец можат повторно да го подигнуваат лекот од аптеките без дополнителна доплата, соопшти Министерството за здравство. Оваа одлука следува по известувањето од носителот на одобрението за ставање во промет, со што терапијата за хронична опструктивна белодробна болест станува значително подостапна. За добивање на инхалаторот граѓаните отсега ќе издвојуваат исклучиво сума за законски предвидената партиципација по рецепт.

Измените ги опфаќаат сите верзии на лекот „Фостер“ кои се наоѓаат на Позитивната листа на лекови, но и останатите фармацевтски производи кои ги содржат истите активни компоненти. Од Министерството за здравство наведуваат дека целта на оваа мерка е намалување на директните финансиски оптоварувања врз граѓаните кои имаат потреба од редовна белодробна терапија.

Официјалните претставници истакнуваат дека здравствените власти спроведуваат низа активности за обезбедување стабилна достапност на неопходните медикаменти во аптекарската мрежа. Со отстранувањето на доплатата се олеснува пристапот до основната терапија за контрола на респираторните заболувања, што овозможува непречено лекување без непредвидени издатоци за хронично болните лица.

Одлуката да се овозможи лекот без дополнителен надомест доаѓа по бранот незадоволство меѓу граѓаните откако цената на „Фостер“ во јуни драстично се зголеми од 300 на 1.081 денари. Ова трикратно поскапување предизвика силни реакции кај хронично болните, особено кај пензионерите со пониски примања, кои беа принудени да издвојуваат значаен дел од својот месечен буџет за основната терапија за дишење. Дополнителен проблем создаде и фактот што многу од пациентите со години успешно ја користат оваа специфична терапија и не сакаат да ја менуваат.

При драстичното зголемување на трошоците, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување меѓусебно си ја префрлаа надлежноста за утврдувањето на референтните цени. Како привремено решение, институциите посочуваа дека на Позитивната листа е додаден заменскиот лек „Блоцета“ од истата генеричка група, кој беше достапен без доплата. Сепак, притисокот од јавноста и започнатите преговори со фармецевтската компанија конечно доведоа до ревидирање на условите и враќање на „Фостер“ без дополнителни финансиски давачки за осигурениците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс