Хартефакт културна програма за септември: Фестивали, изложби, филм и театар

Фестивали, изложби, филм, театар и настани што ги поврзуваат уметноста, заедницата и општествените теми се дел од септемвриската програма „Culture for Development“.

Септември носи културни настани на повеќе локации низ Македонија – од планинарски дом на Плачковица и заедничка градина во Скопје, до Споменикот на слободата во Кочани и културните простори во Крушево и Битола.

Програмата што ја објави „Culture for Development“ не е составена само од класични изложби и претстави. Голем дел од настаните се обидуваат уметноста да ја поврзат со местото во кое се создава, со локалната заедница и со прашањата што го обликуваат секојдневието.

Уметност на 1.080 метри на Плачковица

До 6 септември во планинарскиот дом „Вртешка“ на Плачковица се одржува петтото издание на интердисциплинарниот фестивал VIA5, организиран од здружението „Купола“ од Штип.

На надморска височина од 1.080 метри, фестивалот собира млади и веќе афирмирани уметници од различни професионални и творечки средини, со идеја за заедничко создавање, експериментирање и размена.

„Бостание“ повторно пушта корени

Во Заедничката градина „Бостание“ во Скопје на 6 септември во 18 часот ќе се одржи работилница за основите на стоп-анимацијата.

Учесниците заеднички ќе работат на краток анимиран филм инспириран од три теми: еколошки активизам, заедничко градинарство и пуштање корени.

На 19 септември од 14 часот следува и „Бостание микро-фестивал 2026: Вкоренување“, кој преку уметност, музика, градинарство, храна и заедничко создавање ќе го отвори прашањето што значи да се биде поврзан со едно место и една заедница.

„Астронаут“ на Владимир Муратовски – Диво

На 15 септември во 20 часот во Мобилна/Монтажна галерија во Скопје ќе биде отворена изложбата „Астронаут“ на Владимир Муратовски – Диво.

Муратовски, кој речиси три децении ја документира скопската андерграунд сцена, во галеријата носи минималистички портрети, ситопечати и DIY уметничка книга. Изложбата го носи името на неговата песна „Астронаут“, а е поврзана и со 35-годишнината на Канал 103.

„Руини“ се враќа во Кочани

Документарниот филм „Руини“ во режија на Елена Чемерска ќе биде прикажан на 5 септември во 20 часот кај Споменикот на слободата во Кочани.

По премиерата во Шангај и прикажувањето на „МакеДокс“ во Скопје, филмот се враќа токму на местото што е во центарот на неговата приказна. По проекцијата е најавен и разговор со режисерката за меморијата, отпорноста и заедничкото наследство.

Каде се нашите хероини?

Центарот за современа уметност и култура АТО од Битола на 13 септември во 19:30 часот во ОУ „Никола Карев“ во Крушево ќе ја изведе претставата „Повикот“.

Претставата се занимава со положбата на женските права низ историјата и денес и го поставува прашањето од каде доаѓаат вистинските херои и хероини – од институциите или од улицата, активизмот и алтернативните простори.

Од 22 до 25 септември се планирани и изведби во НУ Завод и музеј – Битола.

Ромски гласови и нови приказни

На 25 септември во 18 часот во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје ќе се одржи „Ромски културен калеидоскоп“.

На настанот ќе бидат претставени резултатите од Ромскиот младински креативен камп 2026 во Струга, како и кратки видеа создадени од учесниците. Целта е преку раскажување приказни и репрезентација да се отвори простор за ромските гласови и творечки перспективи.

Кога дијагнозата станува уметничко дело

На 11 септември во 20 часот во Мобилна/Монтажна галерија ќе биде отворена и изложбата „DSM“ на Иван Ивановски.

Во 36 двострани дела Ивановски спојува апстрактни портрети со дијагностички кодови и описи на симптоми, претворајќи го клиничкото категоризирање во визуелен запис за емоциите и психолошките состојби. Изложбата го поставува и прашањето дали симптомите секогаш се отстапување од нормата или понекогаш се само дел од човечкото искуство.

На 25 септември на истата локација следува и мултимедијалната изложба „Strong – The Gentle Sex“ на Бурчу Мусли, посветена на женската енергија, отпорноста и односот меѓу нежноста и силата низ фотографија, видео и сликарство.

Септемвриската програма покажува дека културата не мора секогаш да остане затворена во институциите. Овој месец таа излегува во градина, на планина, во училиште, пред споменик и во просторите што ги создаваат самите заедници.

Извор: Culture for Development / Heartefact North Macedonia

е-Трн да боцка во твојот инбокс