Search

Култура наместо молитва (Прво па женско)

Живееме непријатни денови во сенката на ужасот кој не заплисна од училишниот масакр во Белград. Белград е преблиску, тој е наше огледало, барометар за реалноста која виси над нашите глави. Реалност на некултурата која нашето меинстрим општество одамна ја прифати како норма на однесување. Длабоко вкопани во ровот на Турбо фолк патријархатот, опиени од токсичниот машки шовинизам, од петни жили им се опираме на промените кои би не приближиле до нешто поцивилизирано. Пример: поцивилизиран однос кон најблиските, мајките, сопругите, соучениците/чките, колегите/шките, послабите, маргинализираните… Токму тоа, наместо ова делумно прикриено, но и сосем јавно и општо прифатено насилство кое го практикуваме како нормала. Не велам дека цивилизираниот свет е совршено место без насилство. Сепак, за разлика од нас, кои носиме закони и “препораки“ ради реда, во по-цивилизираните средини многу посериозно се работи на случајот. Светот е полн со предизвици, насилството отсекогаш било присутно, а нашата неподготвеност, стаписаност и склоност кон краткотрајни хистерични полу-решенија, само не чини поранливи.

Сепак, светлината го поништува мракот, а животот како симбол на надеж, секогаш ќе биде посилен од смртта. Оттаму, наместо со молитви, лелеци и малограѓанско морализирање по социјалните мрежи, предлагам против злото да се бориме со култура. Книги, филмови, игрици, музика, театар, фестивали. Културата и процесот на култивирање отсекогаш имале силна лековита, но и превентивна моќ. Културата како храна, како средство против злоупотреба и недоразбирање и секако: културата како орудие за рушење на “старите добри“ народни фразеолошки одомаќени зандани на умот.

“Прво па женско“ го прави токму тоа. Како за “добар ден“, директно руши една синтагма, чија употребна вредност е одамна надмината, па дури и на овие наши палави балкански пространства, на самиот раб на цивилизирана Европа. “Прво па машко“ како најпосакуван исход од финансиската трансакција наречена брак, е симбол за токсичен родов шовинизам, кој врие со лажна мачо моќ и генерира кризи кои неретко имаат насилен исход. Небаре девојчињата не се доволно луѓе и доволно потенцијал за да бидат корисни за семејството, татковината и цивилизацијата, така?

Познавам премногу сестри кои се далеку посилни и покорисни од нивните братчиња, па навистина ми е приглупо да навлегувам во дискусии. “Прво па Женско“ е мултидисциплинарен фестивал кој дискусијата токму на таа тема ја води отворено во јавноста. Постои една деценија, а во овогодинешното, 11то издание кое започнува овој викенд, зачекорува со зборовите на Одри Лорд: „Иднината на Земјата веројатно зависи од вештината на жените да идентификуваат и развијат нови дефиниции за моќта и нови начини за поврзување преку различностите.“ Програмата на единаесеттото “Прво па Женско“ го слави интерсекцискиот феминизам, за да нѐ поттикне заедно да смислиме можни дефиниции за новиот, поправеден свет зашто “старите дефиниции не ни беа од полза, ни нам, ни на Земјата што нѐ крепи.“ Здружени во различностите, отфрлајќи ги старите структури на угнетување, тие нудат алтернативи за нов соживот и уште велат: “Не знаеме дали ќе успееме, но отаде историјата, продолжуваме да трагаме по нови и повозможни среќавања.“

Фестивалот се отвора оваа сабота, на 13 мај во МКЦ Скопје, со перформансот “Extima: Плодна почва“ на Оља Грубиќ, а интердисциплинарната програма која вклучува изложби, промоции, концерти, филмски проекции и перформанси, ќе трае во текот на целата година. Веднаш по перформансот, во денсинг салата на МКЦ, во 21 часот, обврзно погледнете го и послушајте концертот на скопските Алембик, кои ќе настапат заедно со извонредно интересната српска кантавторка Бојана Вунтришевиќ (дел е и од бендот Сви на под). Алембик е експериментално електронско-оперско-пост рок дуо од Скопје, кое во последно време е пришиено за моето срце, а за вас ќе биде горкото апче кое едноставно морате да го проголтате ако сакате да се излечите од темнината на оваа пролет. Битно е да ви предочам, дека Ива Дамјановски, вокалистката на Алембик (компзитор, поет и all around културен играч) ќе биде една од клучните фигури на нашата музичка и културна сцена во следниов период. Запаметете ми го зборот.

Живееме непријатни денови, врнежливи, спарни, влажни, задушливи. Притисокот лудува и буквално го разголува човекот како метеопатско битие. Чувствувам како и самата природа да не предала, згрозена од нашето недоветно толкување на моралот. Вистинско “суморно пролеќе“, што би рекол човекот од клупата во Дебар маало, нашиот хроничар Горан Стефановски. Но не е време за очај. Време е за борба. Борба за културата во себе и во нашата средина. Култура наместо молитви дами и господо.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни