82 милиони евра исчезнаа во крипто афера во Полска, Туск ја обвинува руската мафија

Полското обвинителство истражува сомнежи за измама и перење пари, а случајот отвори и политичка битка околу регулирањето на крипто-пазарот.

Полска ја тресе голем крипто скандал поврзан со платформата Zondacrypto, откако обвинителството добило околу 1.500 пријави за можни кривични дела. Истрагата се води за сомнежи за измама и перење пари, а досегашната проценка на штетата изнесува најмалку 350 милиони злоти, односно околу 82 милиони евра.

Случајот избувна откако корисници почнале да пријавуваат проблеми со повлекување на средствата од платформата. Полските обвинители претходно потврдија дека се идентификувани стотици можни жртви, а бројот на пријави продолжил да расте. Zondacrypto, една од поголемите крипто-платформи во Централна и Источна Европа, работи со естонска лиценца, но има значителна база на корисници во Полска.

Дополнителна тежина на случајот му дадоа тврдењата на полскиот премиер Доналд Туск, кој во парламентот изјави дека финансискиот успех на компанијата бил поврзан не само со „руски пари“ и организиран криминал, туку и со руски разузнавачки служби. Zondacrypto претходно не одговорила на прашањата на AP за наводите, но за полските медиуми навела дека соработува со властите.

Директорот на компанијата, Пшемислав Крал, според медиумските извештаи се наоѓа во Израел и ги отфрла обвинувањата, тврдејќи дека компанијата работи стабилно. Тој претходно изјавил дека Zondacrypto нема пристап до крипто-паричник со околу 4.500 биткоини, бидејќи клучот наводно не бил предаден од основачот Силвестер Сушек, кој исчезнал во 2022 година под неразјаснети околности.

Аферата повторно ја отвори политичката битка околу регулирањето на крипто-пазарот во Полска. Владата на Туск најави нов обид за закон што треба да ја усогласи земјата со европската MiCA регулатива и да воведе построги казни за измами, додека претседателот Карол Навроцки досега двапати ги блокираше владините предлози, со образложение дека се премногу рестриктивни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни