Снимките од погребот на Ратко Младиќ во Белград се вознемирувачки и покажуваат неуспех во соочувањето со минатото, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос. На пленарната дебата во Европскиот парламент во Стразбур, Кос наведе дека чествувањето на воени злосторници и негирањето на геноцидот се неспоиви со европските вредности, критикувајќи го присуството на српски државни и воени претставници на погребот.
На дебатата посветена на настаните во Белград, Кос изрази загриженост поради тоа што српски министри, државни службеници и воени претставници, заедно со раководството од Република Српска, јавно му оддадоа почит на осуден воен злосторник.
Таа ги повика властите во Србија да почнат суштински процес на помирување. Според неа, официјален Брисел има јасен став дека ревизионизмот и негирањето на утврдените судски факти немаат допирна точка со принципите на Унијата.
Младиќ почина на 27 август во затворот во Хаг, каде што издржуваше доживотна затворска казна за геноцид и злосторства против човештвото. Тој беше погребан на гробиштата Топчидер со воени почести и присуство на илјадници граѓани, а верскиот обред го водеше српскиот патријарх Порфириј.
Хрватскиот европратеник Давор Иво Штиер истакна дека во европското семејство не смее да има простор за политики што го величаат наследството на Младиќ и Слободан Милошевиќ. Тој побара прекин на европските финансиски средства за оние што одбиваат да се дистанцираат од таквото минато.
Сличен став изнесе и известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула. Тој оцени дека организацијата на погребот јасно го отсликува неприфатливиот однос на Белград кон воените злосторства и покажува во кој правец се движи земјата.
Спротивно мислење изнесе бугарскиот европратеник Петар Волгин од групата „Европа на суверените нации“. Тој ја обвини Европската комисија за двојни стандарди, тврдејќи дека Брисел реагира на настаните во Србија, додека истовремено игнорира слични појави во Киев.
Меѓународниот трибунал во Хаг претходно пресуди дека силите на босанските Срби во јули 1995 година извршија геноцид во Сребреница, каде што беа убиени околу 8.000 бошњачки мажи и момчиња. Генералното собрание на Обединетите нации во 2024 година усвои резолуција со која се осудува секое славење на лица осудени за вакви злосторства.