Првиот кинески филмски фестивал во земјава започнува вечерва во Скопје и ќе трае до 13 октомври. Публиката во главниот град, но и во Битола, Куманово, Велес и Кочани, ќе има можност да проследи селекција на современи играни, документарни, анимирани и кратки остварувања. Отворањето е закажано во Кинотеката со проекција на најновиот филм на режисерот Цаи Шангџун, кој на фестивалот во Венеција освои признание за главна женска улога.
Манифестацијата стартува со проекција на филмот „Сонцето изгрева над сите нас“ во Кинотеката на Македонија. Станува збор за остварување кое годинава влезе во официјалната конкуренција на престижниот филмски фестивал во Венеција.
Актерката Син Жилеи ја понесе престижната награда „Волпи куп“ за најдобра женска улога токму за оваа изведба. Филмот на Шангџун отвора серија приказни кои го третираат секојдневниот живот, семејните односи и личните одлуки низ призмата на современото кинеско општество.
Организаторите ја поставија програмата надвор од вообичаениот скопски фокус. Покрај Кинотеката и „Киноверзум“ во Кисела Вода, проекциите ќе се одвиваат паралелно во уште четири града во внатрешноста.
Филмовите ќе гостуваат во Центарот за култура во Битола, Занаетчискиот дом во Куманово, киното „Киноверзум“ во Велес и градската библиотека „Искра“ во Кочани. Овој пристап овозможува поширока публика да се запознае со актуелната кинематографија од ова поднебје.
Репертоарот опфаќа различни жанрови и формати. Меѓу најавените наслови се играните „24 вкуса“, „Сликарот на ковчези“ и „Како камен што се тркала“, комерцијалните хитови „Лов на чудовишта“ 1 и 2, како и анимираниот проект „Пад во светот на смртниците“. Предвидена е и специјална селекција на кратки филмови од млади автори.
Посебен сегмент ќе биде проекцијата на документарецот „Кога ноќта ја среќава светлината“. Филмот отвора тешка тема — менталното здравје кај децата и младите. По прикажувањето, публиката ќе учествува во директен разговор со режисерката Тијан Јан за предизвиците што ги обработува делото.
