Кина ги осуди поранешните министри за одбрана на смртна казна: корупциски скандал во врвот на армијата

Кинески суд ги осуди поранешните министри за одбрана Веј Фенгхе и Ли Шангфу на смртна казна со двегодишно одложување поради корупција. Казната автоматски ќе биде заменета со доживотен затвор без право на помилување.

Двајца поранешни министри за одбрана на Кина, Веј Фенгхе и Ли Шангфу, се осудени на смртна казна со двегодишно одложување на извршувањето, во еден од најголемите корупциски случаи што ја потресоа кинеската воена и политичка елита во последните години.

Одлуката ја донел кинески воен суд, а според пресудата, по истекот на двегодишниот период казната автоматски ќе биде заменета со доживотен затвор, без можност за условен отпуст или дополнително намалување на казната.

Според кинеската државна агенција Синхуа, Веј Фенгхе е прогласен за виновен за примање мито, додека Ли Шангфу е осуден и за примање и за давање мито. На двајцата трајно им се одземени политичките права, а целиот нивен личен имот ќе биде конфискуван. И Веј и Ли биле членови на Централната воена комисиј, највисокото воено тело во Кина , како и државни советници во кинеската влада.

Веј Фенгхе ја извршуваше функцијата министер за одбрана од 2018 до 2023 година, а по него на позицијата дојде Ли Шангфу. Ли беше министер само неколку месеци пред мистериозно да исчезне од јавноста, што тогаш предизвика шпекулации за внатрешни пресметки во кинескиот државен врв. Двајцата претходно беа разрешени од функциите и исклучени од Комунистичката партија на Кина.

Случајот се смета за дел од долгогодишната антикорупциска кампања на кинескиот претседател Си Џинпинг, започната по неговото доаѓање на власт во 2012 година. Во рамки на таа кампања, милиони функционери беа предмет на истраги, разрешувања и судски процеси.

Според западни медиуми, меѓу кои и NBC News и Politico, дел од високите функционери обвинети за корупција во изминатите години починале во притвор под неразјаснети околности. Пресудата против Веј и Ли дополнително ја отвора дебатата за состојбата во кинескиот воен врв и за обемот на чистките што Пекинг ги спроведува во државниот и безбедносниот апарат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни