Патниците во јавниот превоз во Сингапур се соочуваат со строги санкции доколку не ги почитуваат правилата за пристојност. Според новите прописи што ги објави тамошната Управа за копнен транспорт (ЛТА), поставувањето нозе на седиштата, јадењето, пиењето и пуштањето гласна музика ќе се казнуваат со речиси 400 американски долари, додека за поголеми прекршоци сумата достигнува и до 5.000 долари.
Досега контролата во автобусите во Сингапур се потпираше главно на интерните правила на превозниците. Возачите имаа право само да ги опоменат патниците или да побараат од нив да го напуштат возилото.
Со новата регулатива, овие однесувања стануваат формални прекршоци. Контролорите и персоналот на почетните и крајните терминали добиваат овластување веднаш да изрекуваат парични казни на лице место. За потешки инциденти предвидена е директна асистенција од полицијата.
Покрај секојдневните прекршоци како фрлање отпадоци или консумирање храна во возилото, надлежните предвидуваат најстроги мерки за дејствија што ја нарушуваат безбедноста.
За попречување и загрозување на другите патници, како и за валкање на кој било дел од автобусите, станиците или терминалите, глобата може да достигне 5.000 американски долари. Од ЛТА наведоа дека целта на мерките е создавање побезбедна и попријатна средина во јавниот превоз.
Сингапур со години применува ригорозни правила во својата железничка мрежа (МРТ), каде што јадењето и пиењето одамна се строго забранети и се казнуваат без исклучок.
Со ова законско усогласување, истите критериуми целосно се пренесуваат и на патниот сообраќај, со што островската држава дополнително ја заострува својата позната политика на нулта толеранција за нарушување на јавниот ред.