Повеќе од 150 патници и членови на екипажот се ставени во карантин на луксузниот крузер MV Hondius, кој е задржан покрај западниот брег на Африка по сомнеж за појава на хантавирус.
Медицински тимови работеле на евакуација на две лица со симптоми, додека најголем дел од патниците се туристи од Велика Британија, САД и Шпанија.
Според официјалните информации, три лица — холандска двојка и германски државјанин — починале, додека повеќе други се разболеле. Еден британски патник веќе го напуштил бродот и се лекува во Јужна Африка.
Случајот го следи и холандскиот Национален институт за јавно здравје и животна средина, RIVM, кој потврдил хантавирус кај еден пациент. Засега, сепак, нема целосна потврда дали сите сомнителни случаи се поврзани со истиот вирус.
Хантавирусот може да предизвика сериозни респираторни заболувања и најчесто се пренесува преку честички од измет или урина на глодари што се наоѓаат во воздухот. Преносот меѓу луѓе е редок, а специфичен лек не постои, па третманот се базира на поддршка и медицинска нега.
Светската здравствена организација соопшти дека ризикот за пошироката јавност е низок и дека нема потреба од паника или ограничување на патувањата.
Сепак, од претпазливост, властите на Зеленортските Острови не дозволиле бродот да се приклучи на пристаниште.
Според достапните податоци, на бродот се регистрирани седум случаи на хантавирус, од кои два се лабораториски потврдени, а останатите се водат како сомнителни.