Брзата експанзија на вештачката интелигенција и масовното вложување во нејзината инфраструктура веќе во значајна мера влијаат врз глобалното економско опкружување. Според проценките на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), петте најголеми светски технолошки гиганти ќе инвестираат повеќе од еден трилион американски долари во вештачка интелигенција во периодот меѓу 2025 и 2026 година. Индустриските прогнози дополнително сугерираат дека глобалните вложувања во оваа технологија би можеле да пораснат од сегашните 500 милијарди на дури четири трилиони долари до 2030 година.
Првиот човек на БИС, Пабло Ернандез де Кос, истакнува дека иако вештачката интелигенција не ги менува директно мандатите на централните банки, таа значително го отежнува правилното толкување и сфаќање на економските текови. Ваквата технологија силно влијае врз понудата, побарувачката и целокупната динамика на финансиските пазари. Загрижувачки факт е што овој инвестициски бум сè почесто се финансира преку долгови и приватни кредити, а не преку реални корпоративни заработки.
Ернандез де Кос предупредува дека голем дел од ова финансирање останува нетранспарентно и меѓусебно испреплетено, што бара посебна контрола од регулаторите. Дополнително, вештачката интелигенција веќе темелно ги менува и глобалните трговски текови. Економиите што се цврсто поврзани со синџирот на снабдување со технологија, како Јужна Кореја, Сингапур, Малезија и Тајван, бележат голем профити од високите извозни цени на чиповите и опремата.
Во однос на продуктивноста, истражувањата покажуваат дека генеративната вештачка интелигенција носи значителни подобрувања од 10 до 65 проценти во специфични задачи, особено во програмирањето, советувањето и професионалното пишување. Сепак, сè уште е отворено прашањето колку од овие изолирани успеси ќе се преведат во реален раст на целокупната економија. Сегашните проценки укажуваат дека AI би можела да го зголеми годишниот раст на вкупната продуктивност за околу половина процентен поен, во зависност од брзината на нејзината интеграција.
Развиените економии се првите што остваруваат корист поради нивните големи услужни сектори, додека земјите во развој се соочуваат со поразлични изгледи. На пример, Индија има можност да го намали тој јаз благодарение на својата развиена дигитална јавна инфраструктура. Покрај зголемувањето на ефикасноста, вештачката интелигенција сè повеќе ги заменува рутинските когнитивни задачи. Иако загубата на работни места засега е ограничена, таа е забележлива во корисничката поддршка, администрацијата и програмирањето, што ја прави преквалификацијата на работниците неопходна.
Високите пазарни проценки, концентрацијата на капитал и непровидната структура на финансирање создаваат сериозни ранливости доколку корпоративните профити не ги исполнат високите очекувања на инвеститорите. Ова не е неизбежен негативен исход, но обемот и брзината на сегашниот инвестициски бум бараат голем претпазливост. Експертите заклучуваат дека долгорочниот ефект од оваа технологија ќе зависи од политичките одлуки, вложувањата во нови вештини и начинот на кој ќе се распределуваат придобивките.