Месечината претставува геолошки мирно небесно тело без значителна атмосфера, кое во последните четири милијарди години непречено ја собира целата прашина и микрометеорити што ќе му се најдат на патот. Според истражувачите од институтот SETI и колеџот Биркбек, оваа природна поставеност ја прави нејзината површина современа временска капсула. Токму поради тоа, тие веруваат дека во лунарниот прав може да се наоѓаат и микроскопски остатоци кои потекнуваат од напредни вонземски цивилизации.
Трудот е поднесен за објавување во списанието International Journal of Astrobiology и не претставува обичен мисловен експеримент, туку разработена научна методологија. Научниците предлагаат исклучително прецизен план кој бара ископување на само еден кубен метар месечев реголит и негово детално скенирање. Во фокусот се честички со големина од неколку микрони кои можат да патуваат низ вселената стотици милиони години, носени од ѕвездените ветрови и притисокот на зрачењето.
Истражувачите се посебно заинтересирани за таканаречените Архипови честички, кои претставуваат вселенски еквивалент на микропластика што се рони од градежните структури или бродовите на вонземските цивилизации. Дополнително, се трага и по таканаречени Брајсвелови честички, односно автономни микроскопски сонди дизајнирани за испраќање пораки низ галаксијата. Овој концепт му должи име на професорот Роналд Брајсвел од Универзитетот Стенфорд, кој уште во минатиот век ја постави теоријата за ваквите вештачки меѓуѕвездени гласници.
Самaта процедура за идентификација бара примена на напредни алатки за машински вид кои ќе ги означуваат сите зрна со необична Морфологија или специфични траги од удари. Потоа, сите сомнителни примероци ќе бидат подложени на спектроскопија со висока резолуција, микротомографија и изотопска анализа. Секоја пронајдена честичка ќе мора да помине строга проверка за да се исклучи каква било контаминација од познати земски легури или од децениите човечки лунарни мисии.
Иако овој процес е во суштина барање игла во сончаник, математичките модели покажуваат дека дури и негативниот резултат има голема научна вредност. Доколку во еден кубен метар не се пронајде ниту едно вештачко зрно, научниците ќе можат со сигурност да ги исклучат сите сценарија во кои цивилизациите масовно распрскуваат отпад низ галаксијата. Тоа ќе постави јасни граници за зачестеноста и однесувањето на интелигентниот живот во нашиот дел од вселената.
Од друга страна, пронаоѓањето на само едно дефинитивно потврдено вонземско зрно конечно би понудило одговор на познатиот Фермиев парадокс. Ваквото откритие директно би докажало дека напредните цивилизации се многу почести во универзумот отколку што претпоставуваат денешните конзервативни модели. Дополнително, тоа би потврдило дека барем една од нив во минатото успеала да стигне или да испрати свои материјали до внатрешниот Сончев систем