Што е phishing или „фишинг“?
Сајбер-криминалците користат различни методи и канали за незаконско стекнување пари, крадење на идентитет или добивање некоја друга корист. Фишингот е една од најголемите безбедносни закани во дигиталниот свет и најчесто се реализира преку електронска пошта. Целта е да се измамат корисниците да ги споделат своите лични податоци, финансиски информации или лозинки, што може да резултира со кражба на средства од банкарски сметки, купување на непостоечки производи или услуги, злоупотреба на лични документи и друго.
Каде можеме да наидеме на интернет измами?
Во SMS пораки
Преку е-пошта
На социјалните мрежи (огласи, пораки во чет)
На сомнителни веб-страници
Во мобилни апликации и видео игри
Како да препознаете интернет измама?
Не кликнувајте на сомнителни линкови! Никогаш не внесувајте лични податоци како име, презиме, број на лична карта, адреса, скенирани документи, кориснички имиња или лозинки на непроверени линкови.
Внимателно читајте ја пораката. Честопати измамничките пораки содржат итни пораки како: „Хитно“, „Важно предупредување“, „Последна шанса“, „Голема акција“.
Проверете кој ја испраќа пораката. Дали е-поштата изгледа легитимно? Дали бројот од кој доаѓа SMS пораката е официјален?
Проверете на официјалната веб-страница на компанијата. Ако добиете понуда што изгледа премногу добра за да биде вистинита, посетете го официјалниот сајт на компанијата и проверете дали таа информација е наведена таму.
Граматички грешки и чудни формулации. Фишинг-пораките често содржат неправилно напишан текст или невообичаени формулации.
„Супер попусти“ што се нереални. Ако некоја реклама ви нуди познат бренд со попуст од 90%, тоа најверојатно е измама.
Проверете ја вистинитоста на понудата со Google пребарување. Често, интернет измамите веќе се пријавени од други корисници, па пребарувањето може да ви помогне да откриете дали се работи за измама.
Што да направите ако сте жртва на интернет измама?
Веднаш контактирајте ја вашата банка ако сте споделиле финансиски информации.
Променете ги лозинките на вашите кориснички профили.
Пријавете го случајот во Министерството за внатрешни работи, во одделот за високо-технолошки криминал.
Бидете внимателни и информирани – дигиталната писменост е најдобрата заштита од интернет измами!