Во 2026 година, 43 отсто од туристите во светот планираат да избегнуваат пренатрупани дестинации, покажуваат податоците на Booking.com. Истовремено, Македонија во 2025 година регистрирала 10,3 отсто повеќе странски туристи во споредба со претходната година. Поклопувањето не е случајно. Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора на Македонија, ги следи овие трендови одблизу и смета дека земјата е во уникатна позиција, ако знае да ја искористи.
Светски туризам во 2026: рекорди и пребарување на мир
Глобалниот туризам во 2026 година бележи рекорди, но и длабоки промени. Според Светската туристичка организација на ОН, во 2025 година биле регистрирани 1,52 милијарди меѓународни туристи, речиси 60 милиони повеќе отколку во 2024 година. Се очекува дополнителен раст од 3 до 4 отсто во 2026 година, покажуваат податоците на Untourism.
Но зад овие бројки се крие суштинска промена во однесувањето. Според истражувањето на Booking.com спроведено на 32.500 патници во 35 земји, 43 отсто од туристите глобално планираат да избегнуваат пренатрупани дестинации во 2026 година, пораст од 11 отсто во споредба со претходната година. Дополнителни 42 отсто планираат да патуваат надвор од врвoт на сезоната, а 44 отсто од оние кои избираат потивки дестинации велат дека сакаат да избегнат придонесување кон ,,overtourism”.
Во Европа, туристите конкретно мигрираат од препополнетите туристички центри кон помалку познати дестинации, а овој тренд е поддржан од дигиталната поврзаност и желбата за автентични, тивки средини, пишува Travel And Tour World.
Македонија: алтернативата која туристите ја бараат
Во овој контекст, Македонија не е само сведок на глобалните трендови. Таа е нивна директна корисничка.
Во периодот јануари-декември 2025 година, вкупниот број на туристи во Македонија пораснал за 6 отсто во споредба со претходната година. Бројот на странски гости се зголемил за значителни 10,3 отсто, додека домашниот туристички промет забележал пад од 2,2 отсто.
Во мај 2025 година, Македонија достигнала историски рекорди со 27,7 отсто раст на пристигнувања на странски туристи, достигнувајќи 101.462 посетители, додека ноќевањата на странски гости пораснале за 16,5 отсто.
Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора на Македонија вели: „Светските трендови се чувствуваат и кај нас, но не како криза или напуштање, туку како шанса. Македонија профитира од глобалната промена бидејќи нуди токму тоа што новиот турист го бара: мир, автентичност и помал метеж.”
Геополитика ја менува туристичката карта
Покрај трендовите во однесувањето, геополитиката директно ги пренасочува туристичките текови. Конфликтот на Блискиот исток создаде конкретни ефекти врз глобалната туристичка побарувачка.
Според Керим, агенциите веќе го чувствуваат тоа.
-Туристите се пренасочуваат кон Европа и Медитеранот. Дестинации со стабилна безбедност добиваат на интерес. Agенциите ги намалуваат или откажуваат аранжманите за Блискиот исток и ги зголемуваат понудите за Грција, Турција, Западна Европа и регионалниот Балкан – вели Керим.
Индиректниот ефект за Македонија е двоен. Од една страна, повеќе регионални туристи бараат поблиски и побезбедни алтернативи. Од друга, поскапувањето на авионските билети предизвикано од геополитичките тензии го намалува бројот на далечни гости.
ЕЕС системот: краткорочна бариера, долгорочна можност
Дополнителен фактор кој ја менува туристичката слика е воведувањето на европскиот систем за влез и излез (ЕЕС), кој ги регистрира движењата на туристи од земји надвор од ЕУ со биометриски податоци.
Керим предупредува на краткорочните последици. „Во пракса се појавија чекања и до неколку часа на граници и аеродроми. Дополнителната процедура при прв влез создава стрес и несигурност кај патниците, особено во почетната фаза.” Но гледа и долгорочна можност: „Дел од туристите може да избегнуваат дестинации со големи гужви на Шенген границите и да бараат алтернативи надвор од ЕУ. Ова индиректно може да им користи на земји како нашата, вели Керим.
Грција останува број еден за Македонците
Додека странските туристи сè повеќе го откриваат Македонија, македонскиот турист сè уште ги гледа своите соседи со желба.
„Апсолутно најбарана и најнудена дестинација за македонските туристи е Грција”, вели Керим. „Таа е број еден избор за летни одмори, блиска е со автомобил, нуди море и острови и има многу опции, од евтини апартмани до луксузни ресорти.” Следуваат Турција со all-inclusive понудата, Албанија како тренд дестинација, Хрватска и Египет.
Овој тренд е дополнително поткрепен со новата реалност. Воведувањето на нови авиолинии ги зголеми опциите за македонскиот патник, а дигитализацијата го олесни самостојното планирање без агенции.
Домашниот туризам: помал по обем, поинаков по стил
Домашниот туристички промет во Македонија бележи пад од 2,3 отсто во периодот јануари-октомври 2025 година во споредба со истиот период претходната година. Бројките не се катастрофа, но трендот е јасен.
Сепак, Керим прави суштинска разлика: „Промените не се само во бројот, туку и во однесувањето. Се бараат пократки, но почести патувања. Расте интересот за помалку познати и мирни дестинации. Се избираат персонализирани искуства наместо класични аранжмани.”
Рурален и алтернативен туризам бележат силен раст кај домашните патници. Домаќините одговараат со локални производи, одржливи практики и персонализирана услуга. „Домашните туристи сè повеќе сакаат локална храна, традиционални активности и контакт со локалното население”, потврдува Керим. „Туристот бара доживување, не само сместување.”
Шансата постои. Прашање е дали ќе се искористи
Статистиките се охрабрувачки. Во првата половина од 2025 година, Македонија регистрирала 21,6 отсто повеќе странски туристи отколку во истиот период претходната година. Според светските аналитичари на туристичкиот сектор, помалку познатите дестинации кои нудат автентични, вонредни искуства се во позиција да профитираат, додека оние кои зависат од масовен пристап до популарни атракции се соочуваат со растечка кршливост.
Македонија ги исполнува условите за таа позиција. Но Керим ја назначува и другата страна: „Македонија станува алтернативна дестинација, токму она што туристите го бараат. Непренатрупано, автентично. Трендот на slow travel им одговара на помали земји. Но потенцијалот треба и да се управува: инфраструктура, промоција, квалитет на услугата. Не е доволно само да бидеш на вистинското место. Треба и да знаеш да ги пречекаш.”