Директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, денес го назначи актерот-првенец Јордан Симонов за уметнички директор на институцијата. Симонов, чија актерска кариера започна во 1989 година, пред ова назначување беше дел од уметничкиот совет на театарот. Раководството оценува дека неговото богато театарско, филмско и режисерско искуство претставува природен чекор за идните творечки цели на куќата.
Кариерата на Јордан Симонов на театарските сцени трае повеќе од триесет години. Неговата работа опфаќа широк жанровски распон, од класична драма и комедија до трагедија и современи форми, каде што бележи голем број индивидуални и колективни признанија.
Првите значајни улоги ги оствари во раните деведесетти години, меѓу кои Јуда во „Евангелие по Јуда“ во струмичкиот театар, како и улогите во „Троил и Кресида“, „Буре барут“ и „МКС“ на сцената на МНТ. Низ годините играше во култни претстави како „Кројач за дами“, „Шопинг анд факинг“, „Будење на пролетта 2000“, „Опасни врски“ и „Црнила 005“.
Во изминатите две децении Симонов толкуваше комплексни ликови во претстави режирани од најистакнатите домашни и регионални автори. Меѓу нив се издвојуваат Жан Пол Мара и Маркиз де Сад во „Мара/САД“, Џонатан Харкер во „Дракула“, Адолф во „Изгубени германци“, Гијом во „Подемот и падот на кабарето“ и Соломон во „Вечната куќа“.
Неговата актерска зрелост ја потврди и со улогата на Понтиј Пилат во „Мајсторот и Маргарита“ во режија на Иван Поповски, како и со ролјите во „Дух“, „Мој термин“, „Бесачи“ и „Лагата“. Во најновиот репертоар на МНТ забележа настапи во претставите „12“, „Народен пратеник“, „Варвари“, сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“ и најновата продукција „Као какао“.
Доаѓањето на Симонов на позицијата уметнички директор треба да донесе нова творечка енергија и стабилен репертоарски правец за националниот театар.