Јаник Рение воодушевен од Македонија: Првпат сум тука и навистина ми се допаѓа

Белгискиот актер Јаник Рение, кој е гостин на филмскиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран, изјави дека првата посета на Македонија оставила силен впечаток кај него. На фестивалот беше прикажан филмот „Одразот во мртвиот дијамант“, во кој Рение ја игра главната улога.

Белгискиот актер Јаник Рение на прес конференција во Дојран зборуваше за искуството од снимањето на филмот „Одразот во мртвиот дијамант“, но и за својата прва посета на Македонија.

Тој истакна дека во подготовките за улогата ги гледал претходните филмови на режисерското дуо Елен Кате и Бруно Форцани, со цел подобро да го разбере нивниот авторски пристап.

„Кастингот е мошне важен во секој филм, мора да се разбираме меѓу себе додека работиме и јас навистина уживав додека го работев филмот. Станува збор за доверба, не може сè да контролираме и затоа мора да си веруваме“, изјави Рение.

Филмот „Одразот во мртвиот дијамант“ беше прикажан во рамките на главната селекција на фестивалот „Преку езерото“, а по проекцијата актерот не го криеше воодушевувањето од земјава.

„Многу сум среќен што сум овде. Ова е првпат да дојдам во Македонија и многу ми се допаѓа“, рече Рение.

Во рамките на фестивалската програма денеска се одржа и работилница за авторски права, која ја водеше Катерина Антевска. Таа ги запозна учесниците со основните принципи на заштитата на авторските права во аудиовизуелната индустрија, значењето на договорите во филмската продукција и предизвиците што ги носи дигиталната средина.

„Работилницата беше посветена на унапредување на знаењата за заштитата на авторските права во современото опкружување. Посебен акцент беше ставен на заштитата на авторските права во дигиталната средина, злоупотребите, механизмите за отстранување нелегално објавени содржини и европските стандарди за заштита на креативците“, изјави Антевска.

Таа додаде дека целта е да се поттикне култура на почитување на авторските права и младите филмски автори навреме да научат како да ги препознаваат и заштитуваат своите права во текот на креативниот процес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс