Јанез Јанша по четврти пат се врати како премиер на Словенија

Десничарскиот ветеран успеа да состави влада со поддршка на радикалната десница, но неговите први потези околу даночните олеснувања и преместувањето на повоените нацистички соработници веќе предизвикаа револт во земјата.

Лидерот на десницата Јанез Јанша уште еднаш се потврди како најголемиот политички преживеан на словенечката сцена, преземајќи ја премиерската функција по рекорден четврти пат во својата кариера. Неговото политичко патување започна уште во далечната 1991 година кога служеше како министер за одбрана во првата независна влада, а неговото најново назначување на функцијата веќе предизвикува силни бранувања во јавноста.

Неговата десничарска Словенечка демократска партија (СДС) континуирано опстојува на врвот повеќе од три децении, стабилно освојувајќи околу една четвртина од гласовите на сите парламентарни избори, што му дава силен легитимитет за форсирање на сопствената конзервативна агенда.

Искуството и коалициската математика го победија левиот центар

Иако партијата СДС заврши на второто место на парламентарните избори во март зад центристичко-левичарското „Движење за слобода“, Јанша ги искористи сите свои ветерански вештини за да формира функционално мнозинство. Стана очигледно дека досегашниот премиер Роберт Голоб едноставно немаше доволно политички капацитет и искуство за да изгради стабилна коалиција на левиот центар, пропуштајќи ја шансата да се поврзе со умерените десничарски струи. Аналитичарите во словенечкиот весник „Дело“ посочуваат дека за разлика од неговите конкуренти, Јанша е вистински ветеран кој напамет ги знае сите внатрешни механизми за составување на извршната власт.

Новата влада беше официјално одобрена во парламентот, но најголемо изненадување предизвика поддршката од крајно десничарската популистичка партија „Ресница“. Нејзиниот лидер Зоран Стевановиќ, и покрај претходните ветувања дека никогаш нема да соработува со Јанша, ја прифати поддршката за да стане претседател на парламентот, а за возврат обезбеди клучни гласови за изборот на новиот премиер. Овој пакт со партија која отворено се противи на вакцинацијата, бара излез од НАТО и покажува евроскептицизам, отвора сериозни сомнежи за идната стабилност на коалицијата.

Идеолошки пресврт и војна за повоената историја

На домашната сцена, новата владина програма најавува продлабочување на поларизацијата преку неколку многу контроверзни закони. Првиот пакет вклучува радикални даночни намалувања кои наидоа на жесток отпор кај синдикатите со образложение дека ваквите мерки ќе ги зголемат социјалните нееднаквости и ќе им наштетат на јавните услуги, поради што веќе се подготвуваат иницијативи за референдум. Уште поголем револт кај активистите за човекови права предизвикаа измените во Законот за парламентарни истраги кои можат да го отворат патот за директно партиско влијание врз независните институции.

Сепак, најголемиот судир во општеството изби околу законскиот предлог за повторен погреб на лицата убиени во повоените чистки во 1945 година, меѓу кои има и лица осомничени за соработка со нацистичките окупатори. Владата планира нивните посмртни останки да бидат пренесени на централните гробишта во Љубљана и да се воспостави национален ден на сеќавање на жртвите на комунистичкото насилство. Градоначалникот на Љубљана Зоран Јанковиќ најостро се спротивстави на оваа иницијатива, порачувајќи дека борците против фашизмот не смеат да се изедначуваат со заколнати нацисти, додека министерот Кајзер го брани потегот како цивилизациски чин бидејќи сите жртви заслужуваат достоинствен гроб.

е-Трн да боцка во твојот инбокс