Шест лица обвинети за измамите со брзи кредити на туѓо име, помагал вработен во Фондот за здравство

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против шест лица за организирана шема за измама со брзи кредити, при која биле злоупотребувани лични податоци на невини граѓани.

Обвинетите ќе одговараат за фалсификување исправа, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама, додека против дополнителни 33 лица е поднесен предлог за издавање казнен налог за компјутерска измама.

Според обвинителството, групата внесувала невистинити податоци во информатичките системи на повеќе финансиски друштва, со цел да предизвика невистинити резултати при обработката на податоците од Агенцијата за вработување. Клучна улога во шемата имал и службеник вработен во Фондот за здравствено осигурување, кој преку внатрешен пристап до електронскиот систем на институцијата обезбедувал единствени здравствени броеви (ЕЗБО) на осигуреници. Со тие податоци и со фалсификувани исправи, групата ги злоупотребувала идентитетите на оштетените и на нивно име подигала брзи кредити.

Четворица од обвинетите, дејствувајќи во периодот од февруари 2023 до јуни 2024 година, прибавиле вкупна имотна корист од 2.509.808 денари, износ кој обвинителството го квалификува како значителен. Останатите двајца, во текот на 2022 и 2023 година, со поединечни дејствија прибавиле дополнителни 659.500 денари.

Истрагата првично опфаќала десет лица, но за четворица од нив обвинителот донел решение за запирање на постапката, за двајца бидејќи не биле обезбедени докази за нивно учество во шемата, а за другите двајца бидејќи починале во меѓувреме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс