Во изложбениот салон во горното фоаје на Центар за култура Битола, денеска со почеток во 18:30 часот ќе биде отворена изложба на дела од македонскиот сликар Владимир Георгиевски.
Пред битолската публика ќе бидат претставени дваесетина дела создадени во различни техники, кои нудат можност за поблиско запознавање со богатиот творечки опус на авторот, неговите препознатливи мотиви, уметнички истражувања и силните пораки што ги носи неговото сликарство. Изложбата е дел од проект кој веќе три и пол години патува низ земјава преку „Мјузеум линк“ – неформална мрежа на домови на култура и локални музеи. Целта на иницијативата е делата на Георгиевски да станат достапни за што поголем број граѓани, со посебен акцент на младата публика.
Досега поставките биле претставени во 29 градови низ Северна Македонија, а Битола е триесеттиот град домаќин на ова културно патување. Претставените дела се дел од семејната колекција, избрани од Фросина Георгиевска. Организацијата и координацијата на изложбите се реализираат со поддршка на Јасминка Намичева од Архефакт од Скопје.