Италија ќе изгуби речиси четири милиони жители до 2050 година, со што сериозно ќе се наруши одржливоста на нејзината економија и социјален систем, предупреди италијанскиот национален статистички институт ИСТАТ во Рим. Според најновите проекции, бројот на жители ќе се намали од 58,9 милиони на почетокот на 2025 година на 55 милиони во средината на векот, а до 2080 година популацијата ќе падне на 45,8 милиони.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони при преземањето на функцијата во 2022 година најави дека зголемувањето на стапката на раѓања ќе биде главен владин приоритет. Две години подоцна, мерките не даваат видливи резултати на терен.
Бројот на новороденчиња бележи постојан пад уште од 2008 година. Минатата година во Италија се регистрирани околу 355.000 раѓања, што е најниско ниво од обединувањето на државата во 1861 година. ИСТАТ проценува дека бројот на раѓања ќе остане релативно стабилен до 2030 година, по што повторно ќе опаѓа и ќе стигне до 335.000 годишно до 2050 година.
Додека наталитетот опаѓа, смртноста забрзано расте како резултат на стареењето на генерацијата од повоениот бејби-бум. Бројот на смртни случаи, кој лани изнесуваше околу 652.000, се очекува да го достигне својот врв во 2058 година со 869.000 починати годишно.
Статистичките податоци покажуваат радикална промена во возрасната структурa. Уделот на граѓани на возраст од 65 или повеќе години ќе се зголеми од 24,7% во 2025 на 34,5% во 2050 година. Работоспособното население, (од 15 до 64 години) ќе падне од 63,4% на 55,3%.
Ова драматично стеснување на работната база наспроти растечкиот број пензионери носи директен ризик за јавните финансии и социјалните фондови.
Демографското празнење нема да биде еднакво распределено низ земјата. Посиромашниот јужен дел на Италија ќе претрпи најголеми загуби.
Проекциите покажуваат дека популацијата на италијанскиот југ ќе падне од 19,7 милиони во 2025 година на 16,7 милиони во 2050 година, што е загуба од цели три милиони жители. Во централните и северните региони падот на бројот на населението ќе биде значително поумерен.