Неподносливи жештини во Италија: 27 градови под највисок степен на опасност

Температурите над 35 степени и високата влажност ги алармираа здравствените власти, а ризик од топлотниот бран им се заканува дури и на здравите лица.
Фото: Rosh PR/Flickr

Италијанското Министерство за здравство прогласи црвен метеоаларм за сите 27 поголеми градови во земјата, бидејќи екстремниот топлотен бран продолжува со температури над 35 степени Целзиусови. Највисокиот степен на предупредување настапува кога високите температури се комбинираат со голема влажност на воздухот. Здравствените власти предупредуваат дека опасноста повеќе не важи само за загрозените групи, туку и за целосно здравите и физички активни граѓани.

Мерката за екстремна опасност се применува низ целата земја, опфаќајќи ги северните индустриски центри како Милано, преку престолнината Рим, па сè до јужните региони. Топлотниот бран што ја зафати Италија донесе тропски ноќи и неподнослива дневна спарина, што дополнително го оптоварува здравствениот систем и ги празни градските улици.

Со оглед на тоа што црвениот аларм означува акутен ризик по здравјето, лекарите апелираат на максимален претпазливост. Покрај вообичаените препораки за постарите лица и хронично болните, властите овојпат посебно подвлекуваат дека физичкиот напор на отворено мора да се избегнува, дури и кај лица со одлична психофизичка кондиција, бидејќи комбинацијата од спарина и високи температури брзо доведува до топлотен удар.

Италија не е единствената погодена земја, но го бележи еден од најагресивните бранови ова лето во Јужна Европа. Климатолозите предупредуваат дека ваквите екстремни временски услови стануваат сè почести и подолги на Медитеранот, што наметнува потреба од долгорочни прилагодувања во јавното здравство и урбаното живеење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс