Шпански суд отвори истрага за Сеута: Мароко се сомничи за хибриден напад со мигранти

Полициски снимки и сведоштва покажуваат дека мароканските граничари не само што не го спречиле бранот, туку им давале и насоки на луѓето.
Фото: EPA/REDUAN DRIS

Шпанскиот национален суд Audiencia Nacional покрена кривична истрага против одговорните за масовниот прилив на десетици илјади мигранти во ексклавата Сеута. Судијката Марија Тардон оцени дека овој јулски бран претставува можен хибриден напад насочен против територијалниот интегритет на Шпанија. Истрагата се потпира на детален полициски извештај кој директно ги посочува мароканските безбедносни сили за целосна пасивност и организирано олеснување на премините.

Според наодите на шпанската полиција, влезот на повеќе од 70.000 луѓе кон крајот на јули не бил спонтан инцидент. Извештајот содржи визуелни докази на кои се гледа како униформирани марокански службеници стојат без реакција додека толпата ја минува границата.

Судијката Тардон во своето образложение наведе дека припадници на мароканската гранична служба дури им давале директни упатства на мигрантите за тоа каде и како полесно да влезат на шпанска територија. Судот ваквото дејствување го оквалификува како тактика од „сивата зона“, со која странски структури се обиделе да го нарушат редовното функционирање и безбедноста на граѓаните во Сеута. Со ова, судот ја прифати иницијативата на јавното обвинителство за гонење дела против територијалниот интегритет и злосторничко здружување.

Иако судот отвори официјална постапка, шпанската влада засега настапува со претпазлив став. Од Мадрид соопштија дека сè уште нема цврсти докази што директно би ја поврзале официјалната власт во Рабат со организацијата на кризата. Овој став ја одразува постојаната дипломатска тензија меѓу двете земји, каде прашањето за миграцијата често се користи како инструмент за политички притисок.

Официјален Рабат одби да го коментира полицискиот извештај преку институциите, но мароканските провладини медиуми веќе го оценија документот како правно неиздржан и лишен од материјални докази. На терен, најголемиот дел од мигрантите што влегоа во Сеута во меѓувреме се вратени назад, додека неколку илјади сè уште чекаат правна разврска во шпанските прифатни центри.

е-Трн да боцка во твојот инбокс