На Конститутивно-изборната седница на Собранието на Црвен крст на Северна Македонија, д-р Лилјана Ристевска е избрана за претседателка на организацијата за нов четиригодишен мандат. Со оваа одлука, таа станува првата жена претседателка на Црвениот крст во Северна Македонија од осамостојувањето на државата.
Од организацијата посочуваат дека изборот на Ристевска претставува значаен историски момент за најголемата хуманитарна организација во земјата, како и признание за нејзината долгогодишна посветеност и професионална работа.
Таа има повеќе од две децении искуство во Црвениот крст – како волонтер, претседател на Општинската организација во Битола и поранешен потпретседател на националното друштво. Во новиот мандат, фокусот ќе биде ставен на јакнење на волонтерството, развој на локалните организации, унапредување на хуманитарните услуги, транспарентно управување и зајакнување на партнерствата на национално и меѓународно ниво.
Од Црвениот крст истакнуваат дека овој избор е важен чекор кон унапредување на еднаквите можности и лидерството во хуманитарниот сектор, со продолжување на мисијата за хуманост, непристрасност и солидарност.