Општина Карпош предупреди дека користењето на преминот носи ризик од повреди.
Според општинското известување, затворањето е поради настанатата материјална штета и потребата да се заштитат граѓаните.
Не е наведен рок за поправките, ниту процена на материјалната штета. Од Општината најавуваат дека граѓаните дополнително ќе бидат известени за повторното отворање.
Ова е нов проблем за надвозникот изграден за учениците од ООУ „Димо Хаџи Димов“ безбедно да го преминуваат булеварот „Партизански одреди“. Објектот и претходно бил мета на оштетувања, вклучително и повеќекратно демолирање на лифтот.
Според претходните информации од Општината, редовниот режим пред најновото затворање предвидувал преминот да биде отворен од понеделник до петок, од 6:45 до 21 часот. Ноќе се заклучувал поради заштита од вандализам.
„Влајко“ беше изграден во јуни 2006 година, во близина на мостот „Обединети нации“. За неговата изградба биле потрошени околу 600.000 евра. Покриениот премин има и 16 деловни простории, по осум од двете страни, со простор за движење меѓу нив.
Безбедноста на конструкцијата беше предмет на посебни активности и во 2025 година. Општина Карпош тогаш ја ангажираше скопската фирма „ТСГ Индустри сервисе“ за инженерски анализи, со договор вреден 400.000 денари со ДДВ.
Предвидените испитувања опфаќале пресметки на напрегања и деформации, визуелни и мерни проверки, недеструктивни методи и изработка на план за евентуална санација. Овие анализи се однесувале на состојбата на конструкцијата и се одвоени од најновите оштетувања пријавени од Општината.
На дваесетина метри од надвозникот се наоѓа пешачки премин со семафори на ниво на булеварот. Додека „Влајко“ е затворен, тој останува алтернативата за преминување на овој дел од „Партизански одреди“.
